Во триесетина германски градови утре ќе се одржат протести на младинската иницијатива „Gen Z regelt“, поради што трговците преземаат безбедносни мерки, стравувајќи од нереди и ограбувања на продавници, какви што неодамна имаше за време на протестите во Франција. Германската полиција засега нема информации за конкретни планови за насилство.
Иницијативата „Gen Z regelt“ ги повика младите на протести со барања за поголеми инвестиции во образованието и психолошката поддршка, подостапен живот и поправедна распределба на трошоците меѓу генерациите. Меѓу нивните барања се и заштитата на граѓанските права и климата, како и противењето на воведувањето воен рок.
Организаторите тврдат дека собирите ќе бидат мирни, но најавите предизвикаа загриженост поради неодамнешните протести во Франција и други европски земји, каде што имаше палења, судири со полицијата и ограбувања продавници.
Во Дизелдорф, на познатата трговска улица Кенигсалее, пред луксузните продавници веќе се поставуваат скелиња и се редат плочи од иверица. Трговците, особено златарниците и продавниците за облека, размислуваат за целодневно затворање на дуќаните и заштита на излозите и фасадите со дрвени плочи.
Некои планираат да ја отстранат стоката од излозите, а дел дури и целосно да ги испразнат продавниците.
„Не знаеме што нè очекува. Ова е превенција“, изјави Андреа Гројнер, претседателка на здружението на трговци на Кенигсалее.
Посебна загриженост предизвикуваат скапите излози изработени по нарачка, чија замена би била проблематична непосредно пред божиќната сезона. Стравувањата се зголемија по снимките од ограбувањето луксузни продавници за време на протестите во Франција.
Превентивни мерки презема и парфимерискиот синџир „Даглас“, кој утре ќе затвори 12 продавници во Германија. Компанијата не соопшти за кои објекти станува збор. Портпаролката изјави дека одлуката е донесена врз основа на процена на ризикот и дека на погодените локации ќе бидат преземени дополнителни безбедносни мерки.
„Безбедноста на нашите вработени и купувачи е наш највисок приоритет“, порача портпаролката, изразувајќи надеж дека протестите ќе поминат мирно.
Kalifat Köln bereitet sich auf die »Schüler-Demos« am Samstag vor. GenZ wird das schon regeln. https://t.co/QxdLKYuHkf
— Dara 🇩🇪 (@Raeubertochtah) October 29, 2026
Германското Сојузно министерство за внатрешни работи засега нема сознанија за конкретни повици на насилство. Ниту берлинската полиција пронашла докази за организирани планови за ограбување продавници.
На главниот собир кај Бранденбуршката порта во Берлин се очекуваат околу 10.000 луѓе, а полицијата проценува дека ризикот од судири на овој собир е низок.
Во Берлин утре ќе бидат распоредени дополнителни 1.500 полицајци. Безбедносните служби се подготвуваат и за истовременото одржување на протестите и Ноќта на вештерките, кога очекуваат зголемена употреба на пиротехнички средства и можни собири на млади кои нема да бидат поврзани со демонстрациите.
Полицијата во Штутгарт соопшти дека, според нејзините сознанија, на протестот би можело да има попречувања, но сè уште ја проценува нивната можна сериозност. Од полицијата посочуваат дека лица од опкружувањето на организаторите се оградуваат од насилството, но дека постојат и други изјави и повици со поинаков тон.
Дополнителна неизвесност предизвика и оставката на портпаролот на иницијативата „Gen Z regelt“. Тој се повлекол затоа што, како што објаснил, поради големиот број различни групи собрани околу движењето повеќе не бил сигурен дека организаторите можат да гарантираат оти протестите ќе останат мирни.
Сепак, Јанис Јулијан Грим, истражувач во Центарот за интердисциплинарни истражувања на мирот и конфликтите при Слободниот универзитет во Берлин, смета дека нереди од размерите на оние во Франција се малку веројатни во Германија.
„Во Германија се воспостави значително помалку конфронтирачка култура на протестирање“, изјави тој за германската новинска агенција ДПА.
Според него, општественото прифаќање на таквите методи во Германија е помало, поради што протестните движења имаат помала корист од нив.
