Во Шпанија почна тридневна национална жалост откако најмалку 68 лица загинаа, а десетици беа повредени во една од најтешките железнички несреќи во поновата европска историја, објави Би-Би-Си. Спасувачките екипи работеа цела ноќ под силни рефлектори, сечејќи ги металните конструкции на вагоните во потрага по преживеани и загинати. Многу од жртвите сè уште не се идентификувани.
Властите истражуваат како дошло до несреќата во средата наутро, кога брз воз што сообраќал од Мадрид кон Севилја удрил во композиција која стоела на пругата.
„Цела Шпанија тагува“, порача премиерот Педро Санчез, додавајќи дека „животите се уништени, семејствата се распарчени, а болката е неизмерна“.
На местото на несреќата беа испратени стотици припадници на итните служби за да помогнат во извлекувањето на настраданите, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи. Во потрагата и отстранувањето на остатоците се користат и дронови и хеликоптери.
Возот на приватниот оператор „Ирио“, во кој имало 147 патници, застанал на пругата поради дефект на компјутерскиот систем, потврди шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте.
Пуенте објасни дека во случај на дефект на системот, управувањето го презема дежурниот контролен центар во Мадрид, кој работи 24 часа дневно. Но, според министерот, центарот донел „несфатлива“ одлука и им дал инструкции на возовите повторно да тргнат, без никакви ограничувања на брзината.
Аудиоснимките од разговорите меѓу диспечерите во Мадрид и машиновозачите покажуваат дека брзиот воз добил зелено светло за поминување, иако композицијата пред него била во дефект и стоела на пругата.
Од компанијата „Ирио“ соопштија дека во нивниот воз одзади удрил воз на државниот железнички оператор „Ренфе“, во кој имало 397 патници. Од силината на ударот, неколку вагони излетале од пругата и се урнале по насипот.
Сведоците опишаа потресни сцени во кои луѓе плачеле и крвавеле, а патници останале приклештени во седиштата додека густ чад се ширел низ вагоните. Еден од вагоните се запалил.
Премиерот Санчез изјави дека е „неприфатливо“ што Шпанија годинава доживеала две тешки железнички несреќи. Тој потсети на судирот на брз воз кај Кордоба во јануари, кога загинаа 46 лица. И таа несреќа се случи на истата железничка линија, но значително појужно.
Повеќето политички партии веднаш ги прекинаа предизборните кампањи по несреќата.
Единствен исклучок беше десничарската партија Вокс. Нејзиниот лидер Сантијаго Абаскал изјави дека партијата нема да учествува во, како што рече, обидите „преку жалоста да се замолчат критиките“ за состојбата на железничката инфраструктура во земјата.
🚨🇪🇸Chaos in Madrid, Spain, as police attack thousands of protesters demanding justice for the 68 people killed in the train disaster.
Pedro Sánchez sent police against his own people protesting outside the Transport Ministry after the horrific crash!
Like Serbian students, Spaniards are demanding accountability, knowing that corruption led to this disaster.
— Mario ZNA (@MarioBojic) October 28, 2026
Во текот на ноќта околу 1.500 луѓе се собраа пред зградата на Министерството за транспорт во Мадрид, објави шпанската телевизија ТВЕ. Демонстрантите главно бараа оставки од премиерот Санчез и министерот Пуенте.
Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата откако дел од демонстрантите почнале да фрлаат шишиња и сигнални факели. Не беа пријавени повредени или уапсени лица.
Се очекува машиновозачите во четврток да го одржат претходно најавениот штрајк. Шпанскиот синдикат на машиновозачи „Семаф“ соопшти дека протестот се организира „во одбрана на железничката безбедност“.
„Шпанија има право да знае што се случува со нејзината инфраструктура“, изјави лидерот на главната опозициска Народна партија, Алберто Нуњез Феихо.
До доцна во средата, семејствата сè уште се обидувале да добијат информации за патниците кои биле во возовите. Шпанската Цивилна гарда отвори посебни канцеларии во Мадрид, Толедо, Севилја и Кордоба за пријавување исчезнати лица.
„Главен приоритет е идентификацијата на исчезнатите лица и земањето примероци од ДНК за да можеме да ги пронајдеме нивните семејства“, објави Цивилната гарда на социјалната мрежа Икс.
Во Толедо, во близина на местото на несреќата, локалните жители се собраа на бдение и со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите.
На зградите на европските институции во Брисел, знамињата на Европската Унија беа спуштени на половина копје. Европската комисија го опиша овој чин како знак на европска солидарност со Шпанија за време на деновите на жалост.
Несреќата во средата е најтешката железничка трагедија во Шпанија од 2013 година, кога во близина на Сантијаго де Компостела, на северозападот на земјата, загинаа 80 лица.
