Никој не нуди логично објаснување за железничката несреќа во која загинаа најмалку 68 лица во Шпанија.
Министерот за транспорт, Оскар Пуенте, ја опиша ситуацијата како „неразбирлива“, а клучното прашање во истрагата е како ниту контролорот, ниту неговите претпоставени не забележале што се случува во текот на цели 17 минути.
Толку време му било потребно на брзиот воз „АВЕ“ (AVE) да помине 25 километри и да стигне до запрениот воз на компанијата „Ирио“ (Iryo).
Истражителите се обидуваат да утврдат зошто никој не го забележал возот со 397 патници кој се движел кон судир со друг воз, во кој имало 147 патници, пишува весникот „Ел Паис“.
Несреќата, која се случила во тие 17 минути – помеѓу 8:36 и 8:53 часот – можела да се спречи со едноставна наредба до машиновозачот на возот „АВЕ“ да закочи.
Министерот Пуенте ја припишува директната одговорност на контролорот на сообраќајот. Тој се наоѓа во изолација во контролниот центар уште од раните утрински часови, придружуван од адвокат и стручно лице за психолошка помош, а бил испрашан и од полицијата.
Пуенте потврди дека не разговарал со него, бидејќи контролорот одлучил да комуницира исклучиво преку адвокат и со полициските службеници испратени од истражниот судија. Контролорот не бил сам – со него имало помошник, а работата била под надзор на супервизор.
И покрај тоа, никој не издал наредба возот „АВЕ“ да запре или барем да ја намали брзината.
Според министерот, ситуацијата е уште понеразбирлива со оглед на тоа што контролорот бил поправен од еден од шесте машиновозачи, на кои претходно им наредил да продолжат да возат „нормално“, односно со полна брзина.
Машиновозачот го предупредил дека протоколот во случај на дефект на информатичкиот систем наложува „возење по вид“, со ограничување на брзината до 40 километри на час.
Зошто контролорот тогаш не им наредил и на останатите – вклучително и на возот „АВЕ“ кој настрада – да ја намалат брзината, сè уште нема јасен одговор.
Технички лица и владини извори објаснуваат дека операторот имал три јасни предупредувања – известувањето од возот на „Ирио“ (Iryo) дека не може да тргне поради дефект, приказот на запрениот воз на екранот и црвениот сигнал на делницата од пругата во моментот кога тој издал налог за продолжување на сообраќајот.
