Еден од петмината обвинители кои се во трка, утре ќе биде избран за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). За функцијата конкурираат Фатон Азизи, Искра Хаџи-Василева, Јован Цветановски, Трајче Пеливанов и Лидија Раичевиќ.
Кандидатите во своите програми кои ги претставија ставија акцент на поефикасно гонење на организираниот криминал и корупцијата, финансиските истраги, одземањето незаконски стекнат имот и зајакнувањето на капацитетите на обвинителството. Сепак, секој од нив има сопствен пристап кон тоа како треба да се подобри работата на институцијата.
Обвинителот Фатон Азизи дипломирал во ноември 2019 година е избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, а во 2024 година е распореден во ОЈО ГОКК, каде што работи на предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.
Во текот на досегашната кариера, Азизи беше вклучен во повеќе сложени предмети со голем број осомничени и обвинети лица и обемен доказен материјал. Меѓу позначајните е предметот „Адитив“, како и постапката против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Во неговото професионално искуство се и предметите „Ботокс“, со околу 20 осомничени, и „ФФМ“, со околу 30 осомничени лица. Меѓу предметите во кои има обвинителско искуство се и случаите поврзани со Драги Рашковски и „Меѓународен сојуз“.
Во програмата за раководење со обвинителството, Азизи предвидува зајакнување на истражниот центар и поактивно отворање и водење предмети за кои постојат индиции за сериозен криминал. Посебно внимание посветува на случаите поврзани со лица и субјекти што се на меѓународни црни листи, како и на финансиските истраги и перењето пари, особено во градежниот сектор.
Искра Хаџи-Василева до неодамна беше дел од скопското обвинителство, но од 2024 година се приклучи во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Работела на доста значајни предмети, но еден од последните по кои ја препознава јавноста е случајот со 350.000 илјади евра заѕидани пари на судијата Ѓоко Ристов. Во фокусот на нејзината програма се побрзо и поефикасно постапување, финансиските истраги и одземањето имот стекнат на незаконски начин.
Таа предвидува подобро користење на истражниот центар, јакнење на кадровските и техничките капацитети и поголема транспарентност во работата на обвинителството. Нејзиниот пристап е насочен кон предмети што имаат пошироко значење за јавноста и кон подобрување на довербата во институцијата.
Јован Цветановски е виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Во неговите приоритети се истрагите за висока корупција и перење пари, како и намалувањето на бројот на стари и нерешени предмети. Тој се залага за појасни правила за постапување во различни ситуации, со цел да се обезбеди поголема предвидливост и доследност во работата на обвинителите. Како важен елемент го издвојува и зајакнувањето на истражните капацитети.
Трајче Пеливанов е обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, а претходно работел во Специјалното јавно обвинителство. Во својата програма се фокусира на независно, професионално и законито постапување, со посебен акцент на финансиските истраги. Смета дека е потребна појасна методологија за ваквите предмети, како и поголема вклученост на стручни лица во анализата на финансиските текови. Целта е истрагите да бидат темелни, обвиненијата да се потпираат на цврсти докази, а незаконски стекнатиот имот да може да се врати.
Лидија Раичевиќ е јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје. Во нејзиниот пристап до израз доаѓа потребата обвинителите да имаат широко познавање на различните облици на криминал и да постапуваат проактивно. Таа посочува дека работата на обвинителството не треба да зависи само од случаите што ќе ги откријат полициските служби. Посебно внимание треба да се посвети на сложените криминални структури, но и на незаконитостите во области како образованието и здравството.
Иако петтемина кандидати имаат различни пристапи, нивните програми се преклопуваат во неколку важни области: поефикасно гонење на корупцијата, посилни финансиски истраги, подобро користење на истражниот центар и решавање на предметите без непотребно одложување.
Новиот раководител ќе ја преземе функцијата во период кога од ОЈО ГОКК се очекуваат конкретни резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Изборот ќе покаже на кој пристап ќе му дадат предност обвинителите што учествуваат во гласањето.
