Полицијата поднесе кривична пријава против вработен во Шумското стопанство „Галичица“ од село Ботун, кој бил задолжен за контрола на превозот на дрва, бидејќи му го дал службениот чекан за жигосување на превозник од Битола, за што и тој добил кривична пријава за кражба. Наместо сам да ја врши контролата, вработениот му овозможил на битолчанецот да сече и обележува дрва без соодветен надзор и без потребните документи за нивното потекло и транспорт.
Според полицијата, првопријавениот, референт за превоз во Шумско стопанство „Галичица“, постапил спротивно на службените обврски откако му го предал чеканот за жигосување на второпријавениот, овозможувајќи му да го користи при сеча и обележување дрвна маса без соодветна контрола на потеклото. Притоа, не издал ниту соодветна испратница за транспорт на дрвната маса од местото на сеча до магацински склад.
На 26 септември годинава, полициски службеници од СВР Охрид го затекнале второпријавениот на пат кон селото Црвена Вода, општина Дебрца, како со товарно возило „сканиа“ со битолски регистарски ознаки превезува 14 простoрни метри дабово огревно дрво без соодветна документација.
Дрвната маса била одземена и предадена на претставници на Шумското стопанство „Галичица“.
