Британскиот премиер Енди Бернам ги советуваше граѓаните да направат залихи од конзервирана храна и флаширана вода, со цел да бидат подготвени за итни ситуации. Во услови кога Обединетото Кралство е зафатено од невремиња, а интернет-врските беа прекинати поради сериозен безбедносен пропуст, Бернам изјави дека се чини оти неочекуваните настани стануваат сè почести, пренесува Би-Би-Си.
Британската влада подготви препораки според кои домаќинствата треба да имаат залихи од вода и конзервирана храна доволни за три дена. Ова би требало да им помогне во кризни ситуации, како што се војна, сајбер-напади или природни катастрофи.
„Не станува збор за панично купување. Станува збор за преземање разумни мерки за да се осигурате дека имате доволно храна дома, која ќе ви овозможи да пребродите тешка ситуација, доколку дојде до таква“, рече Бернам.
Минатиот месец, Националната канцеларија за ревизија (NAO) предупреди дека синџирот на снабдување со храна во Обединетото Кралство е загрозен поради растечката опасност од сајбер-напади и климатската криза.
Во извештајот се наведува дека Министерството за земјоделство, животна средина и рурални прашања (Defra) во последните години не направило доволно за да ја зајакне отпорноста на синџирот на снабдување.
Извршниот директор на Федерацијата за ладен ланец (Cold Chain Federation) – организација што ги обединува компаниите за транспорт на храна во услови на контролирана температура – исто така изјави дека тие се цел на руски хакери, кои знаат каде се наоѓаат слабите точки во системот за снабдување со храна.
Говорејќи на самит посветен на отпорноста, одржан во Ливерпул, Бернам ги отфрли тврдењата дека владата не се подготвила соодветно.
„Не, ние само разговараме со луѓето за тоа како да бидат подобро подготвени, бидејќи живееме во свет во кој неочекуваните настани стануваат сè почести. Секако, тука се и временските неприлики – Обединетото Кралство денес се соочува со невремиња, а ние сочувствуваме со луѓето во Корнвол кои во моментов се без електрична енергија. Едноставно е важно да имате такви залихи дома за да можете да ги пребродите таквите моменти. Затоа, започнуваме дискусија за отпорноста“, објаснува Бернам.
Владините препораки вклучуваат обезбедување девет литри вода по лице, што е доволно за три дена, како и намирници како што се конзервирано месо, зеленчук и суво овошје.
Владата, исто така, предлага да се поседува FM-радио што работи на батерии или на механичко навивање. Во случај на национална криза, BBC би им дала приоритет на емитувањето вести и информации поврзани со здравјето и безбедноста, а FM радиото би било најдобриот начин за примање на овие пораки доколку дојде до сериозен прекин во снабдувањето со електрична енергија.
На списокот се наоѓаат и средства за дезинфекција на раце, влажни марамчиња, хигиенски средства, храна за домашни миленици, производи за бебиња, батериска ламба, ќебиња, наполнета преносна батерија, готовина (за случај да откажат системите за плаќање), опрема за прва помош и копии од важни документи.
