Најголемите театарски ѕвезди од регионот гостуваат на фестивалот РУТА во Драмски

Од:

Драмски театар Скопје од 26 до 31 октомври ќе биде домаќин на петтото издание на меѓународниот театарскиот фестивал Рута.

На сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје во тек на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да проследи шест репрезентативни претстави на театрите од регионот. Во фестивалската програма ќе играат претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри. Београдско драмско позориште од Србија, Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина. Од Хрватска гостуваат, Казалиште Улисис во копродукција со театарот САРТР од Сараево. Местно гледалишче Љубљана и Центар за култура од Тиват гостуваат со нивни продукции. Драмски театар Скопје, на 31 октомври ќе го затвори годинашното издание на РУТА со изведба на претставата „Љубовта на Федра“.

Годинашниот фестивал освен главната програма ја воведува и програмата МоноРУТА на која публиката ќе има можност да проследи четири извонредни монодрами од Србија, Хрватска, Црна Гора и монодрамата на Драмски театар Скопје „Џеки “ во изведба на Трајанка Илиева Вељиќ. Претставите од програмата МоноРУТА ќе се играат на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности со почеток во 17 часот.

Фестивалска новина се и одржувањето на три театарски работилници. На работилниците „Менаџмент во културата во националните, државни и градски театри“ предавачи ќе бидат Душко Љуштина, директор на театарот Улисис и Срѓан Обрадовиќ, извршен директор на Белградскиот драмски театар, додека работилницата „Актерска игра и сценски говор“ ќе ја води познатиот актер Озрен Грабариќ кој воедно е и професор на Академијата на драмски уметности во Загреб.

Од Драмски театар известуваат дека театарските работилници ќе се одржуваат во Драмски театар Скопје на 27, 28 и 29 октомври во 12 часот и отворени се за сите заинтересирани посетители. Исто така, по одржувањето на преставите секоја веќер за времетраење на фестивалот публиката ќе може да ги следи разговорите на тркалезните маси со актерите на претставите. Тркалезните маси и оваа година ќе ги модерира д-р Ана Стојаноска, професор на Факултетот за драмски уметности Скопје.

Од Драмски театар Скопје како домаќин на фестивалот Рута изразуваат задоволство што македонската публика го препознава квалитетот и можноста во Скопје да се гледаат најактуелните претстави од регионот. Продажбата на билетите е на билетарницата на Драмски секој ден од 14:30 до 20:30 часот и електронски на веб страната театарот.

РУТА – ГЛАВНА ФЕСТИВАЛСКА ПРОГРАМА ОД 26-31 октомври
Локација: НУ Драмски театар Скопје – сцената Ристе Стефановски

26/10/2026 20:00 – Понеделник

Црно злато (Београдско драмско позориште)

Режисер: Оливер Фрљиќ
Автор: Дејан Дуковски
Режисерот Оливер Фрљиќ за претставата вели: „Во „Црно злато“ на Дејан Дуковски драмскиот фокус е ставен на семејството зафатено од повеќекратни транзиции – општествени, политички, етички, но и родови. Ветениот премин од еден во друг политички систем никогаш не е завршен. Традиционалните вредности се најдоа во вакуумот меѓу она што било и она што требало да дојде. Наместо тоа ветено утре, во драмата се појавува непознатата Ангела – успешна деловна жена, со потекло ‘од нашиот крај’, која сега живее во Шпанија. Додека таа влегува во заплетканата мрежа на семејните односи оптоварени со заминувањето на синот Ангел, постепено се открива дека таа всушност е тој ‘изгубен син’.“

АКТЕРСКА ЕКИПА
Димитрије – Милутин Милошевиќ, Мара – Наташа Марковиќ, Ангела – Ања Ќурчиќ, Ката – Јана Милосављевиќ, Киро – Милан Зариќ, Семир – Амар Ќоровиќ, Извршителка – Бојана Стојковиќ, Бараба – Љубомир Булајиќ, Белиот глушец – Ана Јанковиќ
Претставата трае 1 ч. 40 мин.

27/10/2026 20:00 – Вторник

На чија страна (Театар Улисис, Загреб)

Автор: Роналд Харвуд
Режисер: Ленка Удовички
Театарот Улисис, во соработка со Сараевски ратни театар – SARTR и Релстејџ (Realstage), ни ја носи драмата „На чија страна“ на славниот британски драмски писател и сценарист Роналд Харвуд, во режија на Ленка Удовички.
„На чија страна“ е драма за одговорноста на уметникот, за моралните компромиси и за границата меѓу уметноста и политиката. Но, пред сè, таа е вознемирувачко преиспитување на човечката потреба да се оправда сопствениот избор во време кога секој избор има последици.
Берлин, 1946 година. Канцеларијата на мајорот Арнолд „е остров опкружен со урнатините на градот срамнет со земја од сојузничките бомби“. Пред истражителот во процесот на денацификација стои Вилхелм Фуртвенглер, еден од најголемите диригенти на XX век. Меѓу нив нема едноставна вистина.
АКТЕРСКА ЕКИПА
Mајор Стив Арнолд: Озрен Грабариќ, Еми Штраубе: Матеа Маврак, Тамара Сакс: Џана Џаниќ, Хелмут Роде: Албан Укај, поручник Дејвид Вилс: Давор Сабо, Вилхелм Фуртвенглер: Светозар Цветковиќ и виолончелистка Белма Алиќ
Претставата трае 2 ч. 35 мин.

28/10/2026 20:00 – Среда

Змејот (Местно гледалишче љубљанско)

Режисер: Нела Витошевиќ
Автор: Евгениј Шварц (1896–1958), советски писател и драматичар, бил жесток противник на автократскиот режим на Советскиот Сојуз.
Политичката сатира „Змејот“, сместена во рамките на бајка, ја напишал во 1944 година, но нејзиното изведување било забрането веднаш по премиерата. Потоа претставата не била поставена сè до 1962 година, речиси десет години по смртта на Сталин. Користејќи иронија и сарказам, метафори и духовити остроумности, во низа апсурдно комични ситуации, Шварц ги критикува методите на владеење во тоталитаризмот – покажување моќ, целосна контрола и потиснување на секој неистомисленик. Шварц е немилосрден кон апатијата на луѓето кои се потчинуваат на сево ова. Денес, во време на повторно оживување на радикалната десница, ескалацијата на тоталитарни идеи и сè поголемата концентрација на капитал во светот, пиесата „Змејот“ е повторно актуелна и поставува голем број релевантни прашања. „Змејот“ е поставен според новиот превод на словенечки јазик на Боштјан Горенц и верзијата на американскиот професор Лоренс Сенелик, големиот познавач на руската книжевност, особено на руската драма.
За режисерката
Режисерката Нела Витошевиќ (1984) е една од најзначајните претставнички на средната генерација македонски театарски творци. Словенечката театарска публика ја запозна во 2022 година на фестивалот РУТА, каде што се претстави со „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, во изведба на Драмски театар Скопје. Во оваа претстава на свеж и лично ангажиран начин се осврна на невралгичните точки на патријархатот. Со слична тема се потпиша и во 2023 година, кога во МГЛ со современ пристап ја постави „Нора“ од Ибзен.
За претставата
На своето патување, витезот Ланселот застанува во град каде што веќе четиристотини години владее страшен триглав змеј, безмилосниот експлоататор и самодржец кој секоја година си избира нова девојка и ја јаде. И покрај ова, жителите на градот послушно ја прифаќаат неговата тиранија. Веќе двесте години никој отворено не му се спротивставил на змејот, а некои дури и му се восхитуваат. Херојскиот и добродушен Ланселот сака да го ослободи градот, па затоа го предизвикува змејот на двобој.
АКТЕРСКА ЕКИПА НА „ЗМЕЈОТ“
Змејот – Себастијан Каваца, Ланселот, витез скитник – Филип Самобор, Шарлеманка, архиварка -Мојца Функл, Елза, нејзина сестра – Ајда Смрекар, Градоначалникот – Урош Смолеј, Хенрик, син на градоначалникот – Матевж Слуга, Мачката – Тјаша Железник, Првата граѓанка – Тања Димитриевска, Втората граѓанка – Шпела Ловрец (к.г.), Третата граѓанка – Јулита Кропец (к.г.), Граѓанин, стражар, чувар на затворот – Џозеф Нзобандора-Џоус, Момчето, син на првата граѓанка – Нејц Језерник (к.г.)
Претставата трае 1 ч. 45 мин.

29/10/2026 20:00 – Четврток

Умри машки (Камерен театар 55, Сараево)

Автор: Алдо Николај
Режисер: Адмир Гламочак
Комедијата „Умри машки“ –всушност, е приказна за љубовниот триаголник меѓу Ева, Марио и Бруно, раскажана низ мноштво духовити ситуации кои публиката, а понекогаш и самите актери, ги оставаат без здив од смеење.
Претставата настанала во далечната 1990 година како дипломска претстава на Татјана Шојиќ и оттогаш не престанува да ја полни салата на Камерни театар 55. Досега е изведена повеќе од 550 пати, со што стана **најизведуваната босанскохерцеговска претстава на сите времиња.
АКТЕРСКА ЕКИПА
ЕВА – Татјана Шојиќ, МАРИО – Ермин Браво и БРУНО – Адмир Гламочак
Претставата трае 1 ч. 40 мин.

30/10/2026 20:00 – Петок

Contra mundum (Центар за култура Тиват)
Продукција: Центар за култура Тиват
Концепт и режија: Вељко Миќуновиќ
Драматург: Слободан Обрадовиќ

Главна улога: Озрен Грабариќ
Музичари: Аљоша Закиќ – труба, Ѓорѓе Кујунџиќ – саксофон, Коста Вукашиновиќ – тромбон, Ања Риѓешиќ – пијано, Марко Ќурчиќ – контрабас, Немања Тасиќ – тапани
Претставата трае 1 ч. 15 мин.

„CONTRA MUNDUM“ – театарски портрет на Салвадор Дали меѓу генијалноста, провокацијата и слободата
Колку далеку може да оди уметникот во одбраната на сопствената слобода? Каде завршува генијалноста, а започнува провокацијата? И може ли уметноста да постои надвор од правилата, идеологиите и општествените конвенции?
Претставата „Contra Mundum“, во режија на Вељко Миќуновиќ, е едно од наградуваните регионални театарски остварувања што ја истражуваат границата меѓу уметноста, животот и индивидуалната слобода. Инспирирана од автобиографијата „Тајниот живот на Салвадор Дали“, претставата го отвора светот на еден од најексцентричните и најпровокативните уметници на XX век. Таа не се задржува на вообичаено биографско раскажување, туку создава сценски свет во кој надреалното, музиката и актерската игра се спојуваат во единствена целина.
Во центарот е Озрен Грабариќ, кој преку зборот, движењето и гестот го гради ликот на Дали како противречна фигура – истовремено генијална, провокативна и непредвидлива. Живата музика, визуелно впечатливата сценографија и раскошниот костимски израз не се само придружба на актерот, туку активни елементи на сценската композиција.
Фестивалските жирија во регионот ги препознаа режисерската прецизност, експресивноста на актерската игра и способноста на претставата да го претвори театарот во простор на имагинација и метафора. Особено се издвојува нејзиното тематско јадро: правото на различност, автентичноста и отпорот кон светот што наметнува униформност.
Освоените награди за најдобра претстава, режија, актерско остварување и авторска музика, како и признанијата од публиката, сведочат за успехот на оваа сценска творба пред различни регионални фестивалски публики.
„Contra Mundum“ е средба со уметноста како чин на слобода – и со прашањето колку е подготвен човекот да ризикува за да остане верен на сопствената визија.
„Contra Mundum“ не нуди едноставни одговори, туку го поставува прашањето за цената на слободата и за местото на уметникот во светот што постојано се обидува да ги утврди границите на дозволеното.
Претставата на Вељко Миќуновиќ е покана за средба со уметноста како чин на отпор, како игра со стварноста и како можност човекот да остане доследен на сопствената визија – дури и кога таа е спротивна на светот.

31/10/2026 20:00 – Сабота

Љубовта на Федра ( Драмски театар Скопје)

Режисер: Дино Мустафиќ
Драматург: Викторија Рангелова-Петровска
Асистент на режисерот: Димче Николовски
Актерска екипа: Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Дениз Абдула, Гордана Ендровска, Лазар Христов и Ања Митиќ
Една жена што сака премногу и свет што заборавил да сака. Во „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ, античкиот мит влегува во сурова современост во која желбата прераснува во опсесија, блискоста станува речиси невозможна, а љубовта се судира со рамнодушноста, насилството и црниот хумор. Наспроти Федра, која чувствува до точка на самоуништување, стои Хиполит, принц кој речиси ништо не чувствува, во свет на отуѓеност, семејно распаѓање и морална празнина. Со Јелена Жугиќ како Федра, Лазар Христов како Хиполит и моќен актерски ансамбл, претставата на Мустафиќ ја носи Кејн без заштитна дистанца, како жесток и возбудлив театарски судир со прашањето што останува од љубовта кога сите нејзини утешни форми ќе исчезнат.
Претставата трае 1 ч. 15 мин.

РУТА – Програма МоноРУТА
Локација: Академска сцена при ФДУ со почеток во 17 часот

26/10/2026 17:00 – Понеделник
Милунка (Београдско драмско позориште)

Актерка и автор: Весна Станковиќ
Режисер: Петар Станојловиќ
Исповед на хероината на српските ослободителни војни, Милунка Савиќ, во интерпретација на актерката на Југословенско драмско позориште – Весна Станковиќ.
Милунка во Првата балканска војна заминува на фронтот наместо нејзиниот брат, преправена во маж, под името Милун Савиќ. Високо ценета од француските воени великани Франше д’Епере, Шарл де Гол и вицеадмиралот Гепрат, во Србија завршува како чистачка во банка.
Претставата трае 1 час и 10 минути

27/10/2026 17:00 – Вторник
Земја на волците (Театар Улисис, Загреб)

Режисерка: Гала Николиќ
Авторки на текстот: Тонка Мршиќ, Гала Николиќ
Актерка: Тонка Мршиќ
Монодрамата „Земја на волците“ е авторски текст на Тонка Мршиќ и Гала Николиќ. Жанровски, наликува на црна комедија со елементи на апсурд, а настана од потребата да се запрашаме што значи да се биде жена во мала заедница како Лика? Што значи да се биде жена во Хрватска?
Претставата се занимава со општествените норми, пред сè на Лика или на која било друга мала заедница, кои влијаат врз судбините на три Личанки во различни животни периоди.
Преку три различни карактери, авторките зборуваат за нашето патријархално општество, традиционализмот, положбата на жената во бракот, изборот, осаменоста, последиците од војната и неможноста поединецот да излезе од прангите на реченицата: „А што ќе речат луѓето?“
Претставата е проткаена со автобиографски елементи.
Претставата трае 1 час

30/10/2026 17:00 – Петок
Вирџина (Центар за култура Тиват)

Текст: Душан Јанковиќ
Актерка: Марта Ќераниќ
Монодрамата „Вирџина“, според текстот на Душан Јанковиќ, во изведба на Марта Ќераниќ, е приказна која ни го открива животот и интимата на една вирџина, која морала да го понесе тешкото бреме на одлуките што другите ги донеле наместо неа. Оваа монодрама не се занимава само со феноменот на вирџините, туку го истражува неискажаното, личното и суштинското во една жена која морала да ја игра улогата на маж. Ова е приказна за идентитетот, силата и непоколебливоста на едно женско дете во одреден историски период во Црна Гора.
Претставата трае 1 час

31/10/2026 17:00 – Сабота

Џеки ( Драмски театар Скопје)

Локација: Драмски театар Скопје
Игра: Трајанка Илиева-Вељиќ
Автор: Елфриде Јелинек,
Режисер: Жива Бизовичар
„Џеки“ е монодрама произлезена од претставата „Драми на принцезите“ на Елфриде Јелинек, во која Трајанка Илиева-Вељиќ ја игра Џеки Оназис – сопругата на 35-тиот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува.
Претставата трае 45 минути

Би можело да ве интересира

Три награди за претставата „Падот на Масада“ на Драмски театар Скопје на фестивалот „Стоби 2026“

Драмски со две изведби на претставата „Плејбои…“ гостува во Белград

Драмски театар со поретставата „Мачкина глава“ го отвора фестивалот Војдан Чернодрински

Драмски театар со претставата „Мојот маж“ на РУТА во Сараево

Драмски театар Скопје по вторпат не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор

А1он

Драмски театар одбележува 80 години постоење – за јубилејот премиера на „Мачкина глава“ од Венко Андоновски