Нови случаи на вандализам и грабежи беа регистрирани во центарот на Париз во неделата вечерта. Полицијата соопшти дека уапсила повеќе од 100 лица и дека биле ограбени пет продавници.
Според полицијата, „мали групи деликвенти кои ја искористуваат ситуацијата“ се движеле низ областа околу населбата Шатле, каде што има голем број продавници. Полицијата употребила солзавец за да ги растера.
Нередите, кои беа во многу помал обем отколку во саботата, продолжиле и по полноќ.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни денеска ќе одржи кризен состанок на владата поради немирите во текот на викендот. Во фокусот ќе бидат економијата, осигурувањето и работата на органите за спроведување на законот по насилството.
Во меѓувреме, група градоначалници ќе се соберат напладне пред зградите на локалните општини за да ги осудат „сериозните напади врз демократските институции“.
Француската влада се соочува со притисок по насилните инциденти низ земјата во текот на викендот. Опозициските политичари побараа оставка од министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.
Од кабинетот на претседателот Емануел Макрон соопштија дека Нуњез во неделата се обидел да поднесе оставка, но Макрон го одбил неговото барање и побарал да остане на функцијата, оценувајќи дека е потребно континуирано раководење со министерството во периодот на кризата.
