Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес ѝ даде поддршка на Украина во врска со нападите врз руските енергетски постројки, наведувајќи дека е „правилно, разбирливо и оправдано“ украинските сили да изведуваат напади што ќе ја попречат способноста на Русија да води војна.
На прес-конференција по завршувањето на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, Мерц изјави дека не гледа „никаква подготвеност од руска страна за ставање крај на војната“ и затоа ги поддржува украинските напади што ги нарушуваат руските комуникации и снабдувањето со енергија, пренесе „Скај њуз“.
Германскиот канцелар оцени дека ова се „очигледно единствените можности што ги има Украина за да ѝ стави до знаење на Русија дека е подготвена да се брани“, како и за да ја принуди Русија да седне на преговарачка маса.
