Сменетиот венецуелски претседател Николас Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес денеска изјавија дека не се чувствуваат виновни по новото обвинение поднесено од Министерството за правда на САД, во кое се товарат за заговор со цел мачење на политички противници.
Новите обвиненија, поднесени минатиот четврток, значително ја проширија кривичната постапка што се води во САД против Мадуро (63) и Флорес (70). Тие претходно се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата за злоупотреба на власта со цел да им помогнат на трговци со дрога во шверцот на кокаин.
Мадуро и Флорес, кои беа фатени од американската војска за време на операцијата во јануари – спроведена по наредба на претседателот Доналд Трамп – и префрлени во Њујорк, се појавија пред федералниот судија Алвин Хелерстајн на Менхетен, пренесува Ројтерс.
За време на рочиштето, тие носеа беж затворски униформи, а на нозете имаа окови.
Кога судијата Хелерстајн го праша како се изјаснува по наводите, Мадуро одговори дека тие обвинувања се изнесени и претходно и дека не се точни.
„Целосно го прочитав обвинението, судија Хелерстајн. Во целост го отфрлам овој документ“, изјави Мадуро.
Судијата го прекина додека зборуваше и објави дека во негово име ќе биде заведено изјаснување дека не е виновен.
Неговата сопруга, Силија Флорес, исто така ги негираше обвинувањата.
„Јас сум целосно невина. Не сум виновна“, изјави Флорес.
Мадуро и Флорес не се обвинети за лично учество во тортурата. Доколку бидат прогласени за виновни по сите точки од обвинението, на секој од нив му се заканува задолжителна минимална казна од 50 години затвор.
Поради новите обвиненија, судијата Хелерстајн го одложи почетокот на судењето за две недели, односно за 14 јуни 2027 година.
Обвинителите од канцеларијата на федералниот обвинител на САД во Менхетен тврдат дека Мадуро им наредил на венецуелските функционери да вршат тортура врз опозициски политичари и припадници на војската, за кои постоело сомневање дека коваат заговор против него, со цел да ја задржи власта во оваа јужноамериканска земја.
Во еден од наводните случаи опишани во обвинението, Мадуро во 2014 година им наредил на функционерите да киднапираат припадници на војската за да извлечат информации од нив за можни противници на режимот.
Според обвинителството, кога некои од приведените одбиле да соработуваат, Мадуро им рекол на функционерите „посилно да ги притиснат“.
Според обвинението, за време на состанокот, Флорес го поддржала тој план и го отфрлила алтернативниот предлог за прибирање информации преку инфилтрирање меѓу осомничените.
Односите меѓу Мадуро, социјалистичкиот лидер, и Соединетите Држави се затегнати во текот на неговото 13-годишно владеење во Венецуела, земја богата со нафта.
