Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ бараат оставки од министрите за внатрешни работи, надворешни работи и правда по случајот со Ива Михајлова, која, според нив, ја напуштила Македонија и покрај тоа што ѝ биле одземени пасошите. Од Владата бараат одговор дали на средбата меѓу Тимчо Муцунски и Чамова во Софија било договорено нејзиното заминување од државата.
Во реакцијата, организаторите оценуваат дека случајот е уште еден показател за нефункционирањето на институциите и за отсуството на одговорност по претходните случаи во кои лица обвинети или осомничени за кривични дела ја напуштија државата.
„Не постои посилен аргумент од уште едно скандалозно бегство преку граница, како ова на Ива Михајлова, дека за иднината на Македонија времето е 12:05!“, наведуваат организаторите, оценувајќи дека на политичкото раководство на државните институции му е неопходна „шок-терапија“.
Тие потсетуваат на случаите со Драган Даравелски, Никола Груевски, Горан Грујовски и Никола Бошковски од АНБ, Васко Ковачевски од ЕСМ, како и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм“. Во реакцијата ги споменуваат и Артан Груби и Прпарим Бајрами, оценувајќи дека во сите овие случаи изостана институционалната одговорност.
„Во последните 35 години од независноста до денес, на државните институции, меѓу другите и на правдата, им ‘избегаа’ Драган Даравелски, Никола Груевски, Горан Грујовски и Никола Бошковски од АНБ, Васко Ковачевски од ЕСМ, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ обвинети за ‘Монструм’. Артан Груби и Прпарим Бајрами ѝ се смееја на правдата, покажувајќи дека можат да бегаат и да се враќаат кога сакаат. За сите овие скандалозни случаи никој не презеде никаква институционална одговорност“, се наведува во реакцијата.
Организаторите го поврзуваат случајот со Михајлова и со одбележувањето на годишнината од антифашистичките востанија во Прилеп и Куманово. Тие оценуваат дека нејзиното преминување на границата, и покрај одземените пасоши, претставува погазување на наследството на предците кои се бореле за Македонија да биде независна држава.
Од Владата предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бараат веднаш да одговори дали на средбата меѓу Муцунски и Чамова во Софија било договорено заминувањето на Михајлова од Македонија. Во реакцијата изнесуваат и тврдење дека случајот може да биде иницијална каписла за предвремени парламентарни избори, по кои техничката влада задолжена за нивно организирање би започнала процес на уставни измени.
„Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е должна веднаш да одговори дали на средбата Муцунски-Чамова во Софија е договорено бегството на Ива Михајлова“, бараат организаторите.
Тие наведуваат дека доколку Владата го демантира ова тврдење, треба веднаш да признае институционална неспособност и да побара помош од меѓународните стратешки партнери. Притоа предупредуваат на можни последици во однос на безвизниот режим со Европската Унија и на реакција од НАТО поради, како што велат, неодговорното управување со државните граници.
Покрај оставките на министрите за внатрешни, надворешни работи и правда, организаторите ја повикуваат Европската комисија да побара од официјална Софија да престане со, како што ги оценуваат, провокациите од највисоко политичко-државно ниво и да побара Михајлова без одлагање да им биде предадена на македонските правосудни органи.
„Во спротивно, заради ваквите настани, понижувања и режирање жртви на непостоечка дискриминација врз бугарски државјани, во Македонија расте внатрешниот притисок за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедски односи“, наведуваат организаторите.
Во завршницата на реакцијата, тие изразуваат сочувство со граѓаните поради, како што велат, состојбите во кои се наоѓа државата.
„Сочувствуваме и го делиме срамот со граѓаните и целокупната јавност за тоа што ѝ се случува на Македонија“, се наведува во реакцијата на организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.
