Поранешниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во интервју за германското радио „Дојчландфунк“ ги анализираше неодамна одржаните избори во БиХ, улогата на опозицијата во Република Српска, влијанието на САД и Русија, како и политичките потези на Милорад Додик.
Шмит оцени дека изборните резултати покажале дека длабоките политички поделби во БиХ продолжуваат.
„Тоа се ограничено добри вести. Основните линии на конфликтот во Босна и Херцеговина остануваат. Тие структурно и системски го отежнуваат, а делумно и го оневозможуваат патот кон европските интеграции“, изјави Шмит.
Сепак, тој како позитивен аспект ги посочи новиот изборен систем и техничките измени што биле воведени.
„Добрата вест е дека се прави нов почеток. Изборните реформи кои се поврзуваат со моето име дадоа резултати. Секој гласач мораше да се идентификува со отпечаток од прст и никој не можеше да гласа повеќе пати само затоа што е ’пријател на нечиј пријател’. Тоа не ги решава сите проблеми, но создава поголема доверба кај граѓаните дека нивниот глас ќе биде слушнат и преброен онака како што гласале“, објасни поранешниот висок претставник.
„Опозицијата во Република Српска не понуди алтернатива“
На прашањето зошто Милорад Додик и неговиот СНСД повторно остваруваат изборни победи и покрај очекувањата дека реформите ќе им ги отежнат изборните манипулации, Шмит причината ја гледа во погрешната стратегија на опозицијата во Република Српска.
Според него, анализите не треба да се фокусираат само на популарноста на победникот, туку и на тоа дали опозицијата понудила вистинска алтернатива.
„Мораме, за жал, да констатираме дека опозицијата, особено со својот водечки кандидат Драшко Станивуковиќ, градоначалникот на Бања Лука, не успеа да понуди вистинска алтернатива“, истакна Шмит.
Како конкретен пример го наведе односот кон минатото и воените злосторства.
„Кога на државно ниво во Србија и во Република Српска се одржуваа срамни прослави во чест на воениот злосторник Ратко Младиќ, Станивуковиќ на ист начин му оддаде почит и ’клекна’ пред злосторниците од минатото. Не можете да го престигнете Додик така што ќе се обидувате да бидете ’подобар националист’. Мора да понудите алтернатива, бидејќи, како што се вели во политиката – гласачите на крајот секогаш го избираат оригиналот“, порача тој.
Додик е „политичко животно“: Врски со Путин, Трамп и корупција
Шмит потоа го анализираше политичкиот профил на Милорад Додик, опишувајќи го како политичар без скрупули.
„Тој е ’политичко животно’ од прва класа. Нему не му е тешко да направи ништо. Според сопствените тврдења, сигурно 30 пати му седел на колена на Владимир Путин. Од друга страна, ѝ се заблагодарува на американската администрација што го ’оживеала од политичка смрт’ по укинувањето на санкциите“, наведе Шмит.
Ова балансирање меѓу големите сили Шмит го нарече „балкански производ“, но предупреди и на системот што стои зад него.
„Системот во Република Српска во себе носи и значаен елемент на корупција и криминал. Тоа е сплет на околности во релативно мала земја каде што таквите плодови можат да успеваат“, додаде тој.
Притисоци од лобисти, повлекување од ОХР и улогата на САД
Осврнувајќи се на улогата на САД и на прашањето дали Вашингтон под администрацијата на Доналд Трамп станал опасност за стабилноста на Балканот, Шмит оцени дека не би одел толку далеку.
Според него, американската политика станала погласна и поинаку се изразува, но во суштина не отстапила од Дејтонскиот договор.
„САД остануваат на страната на Дејтонскиот договор, а Дејтон го постави територијалниот интегритет на БиХ како темел на сè. Додик го напаѓа тоа“, нагласи Шмит.
Тој додаде дека врз стабилноста на регионот значително ќе влијаат и претстојните избори во Србија, кои, според него, ќе покажат дали ќе се работи на интеграција или на понатамошно нарушување на односите.
Говорејќи за неговото заминување од функцијата висок претставник кон крајот на јуни годинава, Шмит потврди дека постоеле интензивни политички притисоци и силно лобирање.
„Постоеја силни лобистички активности на страните околу Додик. Уставниот суд во Сараево неодамна одлучи дека плаќањата кон лобистите од буџетот на Република Српска биле незаконски. Имаше интензивни дискусии за гасоводот и неговата правна рамка. Но, во суштина и во самото јадро, не гледам дека САД структурно отстапуваат од Дејтон. Во американскиот Конгрес и понатаму постои силна двопартиска поддршка за Дејтонскиот договор“, објасни тој.
„Следната година нè очекуваат обиди за поделба, ЕУ мора остро да реагира“
Одговарајќи на клучното прашање дали Босна и Херцеговина по овие избори е поблиску до распад, Шмит предупреди на тоа што, според него, може да следува во наредниот период.
„Се плашам дека следната година ќе имаме обиди на Додик за поделба и распарчување на земјата. Затоа уште сега барам алатки од Европската Унија и начин на кој ќе се реагира. Тогаш ќе дојде до одлучувачки судир. Мора да се реагира јасно, остро и недвосмислено, ова не може така!“, порача Шмит.
На крајот од разговорот, Шмит изрази надеж дека ќе дојде до промена на генерациите и поголем ангажман на граѓаните.
„Се надевам дека управувањето и политиката во БиХ конечно ќе ги преземат помлади луѓе. Ангажманот на граѓанското општество во овој момент е итно потребен“, порача Кристијан Шмит.
