Шестгодишно девојче падна од прозорец на трет кат во зграда во Берлин, но 34-годишен маж кој стоел под прозорецот успеал да ја фати пред да удри во земјата. Девојчето поминало само со полесни повреди и било пренесено во болница на набљудување.
Инцидентот се случил вчера навечер во берлинската населба Нојкелн, во објект за сместување на бездомници на улицата Ланштрасе.
Мажот го забележал девојчето на отворениот прозорец и застанал директно под него. Набргу потоа детето паднало, а тој успеал да го фати пред да удри во земјата, објави берлинскиот јавен сервис „РББ“.
Според берлинскиот весник „Б.Ц.“, мажот бил предупреден за опасната ситуација откако слушнал повици. Кога погледнал кон прозорецот, го видел девојчето, кое набргу потоа паднало.
По инцидентот, полицијата во просторијата пронашла уште две девојчиња, на возраст од две и пет години. Со нив немало ниту еден возрасен, па полицајците привремено се грижеле за децата.
Родителите во моментот на несреќата не биле во објектот. Според наводите на сведоци кои ги пренесува „Б.Ц.“, тие отишле да купуваат. Се вратиле додека траела полициската интервенција.
Полицијата сега ги истражува околностите во кои децата останале сами.
Против мајката е покрената постапка поради сомнение дека не ја исполнила обврската за надзор над децата.
