Украина тврди дека со нападите со дронови и оружје со долг дострел исфрлила од погон повеќе од половина од руските капацитети за преработка на нафта, додека последиците од нападите врз рафинериите сè посилно се чувствуваат на рускиот пазар на гориво.
Украинското Министерство за одбрана соопшти дека над 51 отсто од руските рафинериски капацитети се неоперативни. Проценката не може независно да се потврди, а Русија досега не објави сопствени податоци за обемот на штетата.
Според Киев, проценката ја направиле украинските разузнавачки служби, Генералштабот и Министерството за одбрана по серијата неодамнешни напади врз руската енергетска инфраструктура.
Во последните недели мета биле рафинерии во Москва, Јарослављ, Перм, Саратов и Сизрањ, како и постројки во Кириши, Илски и руското пристаниште Уст-Луга.
Украинскиот министер за одбрана Евхениј Хмара изјави дека станува збор за резултат на систематска кампања чија цел е да се намалат способностите на Русија да ја финансира и снабдува војната.
„Повеќе од половина од непријателските капацитети се исфрлени од погон“, рече Хмара.
Тој додаде дека ставањето надвор од функција на 51 отсто од рафинериските капацитети претставува „значаен удар“ за руската економија и способноста на Москва да ги снабдува своите сили.
Украина подолг период систематски ги напаѓа руските рафинерии, складишта за нафта и друга енергетска инфраструктура со дронови и оружје со долг дострел. Киев тврди дека таквите постројки се легитимни воени цели бидејќи ѝ носат приходи на Русија за финансирање на војната и обезбедуваат гориво за руската армија.
Иако украинската проценка од 51 отсто не е независно потврдена, последиците од нападите веќе се забележуваат.
Според „Асошиејтед прес“, Русија годинава се соочува со сериозни проблеми во снабдувањето со гориво. Во делови од земјата се појавиле редици на бензинските пумпи, властите морале да го ограничуваат количеството бензин што може да се купи, а во некои области се влошил и квалитетот на достапното гориво.
Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, кои ги пренесува АП, руското производство на дизел е намалено за околу 30 отсто. Русија традиционално е еден од најголемите производители на рафинирани нафтени деривати во светот.
Дел од руските рафинерии биле нападнати повеќепати. АП наведува дека некои од вкупно 32 големи рафинерии биле погодени и до 15 пати од почетокот на војната, додека во последните месеци во просек една рафинерија била цел на напад на секои три дена.
Повторените напади го отежнуваат санирањето на штетите и го зголемуваат ризикот од долготрајно прекинување на работата на постројките.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела призна дека нападите имаат сериозно економско влијание.
„Почнаа да ги напаѓаат нашите рафинерии и отворено кажаа дека целта им е да ѝ наштетат на нашата економија. Дали ја постигнаа целта? Делумно“, рече Путин на 1 октомври на форумот „Валдај“.
Според неговата проценка, нападите врз рафинериите ја чинеле Русија околу еден отсто од бруто домашниот производ.
Москва засега нема објавено податоци за тоа колкав дел од рафинериските капацитети навистина е надвор од погон, ниту колку би траеле поправките.
Украина во септември тврдеше дека од погон извадила околу 45 отсто од руските рафинериски капацитети. Со најновата проценка на Министерството за одбрана, таа бројка сега е над 51 отсто.
