Легендарната пејачка Тереза Кесовија (88) е хоспитализирана поради ненадејни срцеви проблеми. Поради влошената здравствена состојба и конкретните упатства на стручниот медицински тим, пејачката беше принудена да ги одложи двата големи солистички концерти во загрепската сала „Ватрослав Лисински“, кои беа закажани за 3 и 4 октомври.
Според достапните информации и извори блиски до Тереза Кесовија, нејзиниот живот не е во опасност, но лекарите проценија дека е неопходно таа да остане под постојан медицински надзор за целосно да се стабилизира состојбата.
Беше нагласено дека хоспитализацијата не е само превентивна мерка, туку навистина се појавија срцеви проблеми кои бараат болничко лекување.
Пред да замине во болница, Тереза ѝ се обрати на својата публика преку официјалниот профил на Инстаграм и упати емотивна порака:
„Драги мои, знам колку сите се радувавме на претстојните концерти во „Лисински“, но поради неочекувани срцеви проблеми и упатствата на стручниот медицински тим, морам да ја одложам нашата средба и да го послушам своето срце – но овој пат на малку поинаков начин – и да му дадам време да закрепне“.
Публиката ѝ упати пораки за поддршка и желби за брзо закрепнување.
