„Земјите што сакаат да распоредат нуклеарно оружје во близина на руските граници длабоко грешат ако веруваат дека тоа ќе им донесе поголема безбедност“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека, напротив, тоа ќе биде инструмент што дополнително ќе доведе до ескалација и зголемување на тензиите, пренесе „Спутник“.
Песков истакна дека Русија, во согласност со своето законодавство, ќе ја обезбеди сигурноста на Калининградската област, која е составен дел на Руската Федерација.
Истовремено, тој рече дека неодамнешните изјави за подготвеноста на Русија да ја заштити Калининградската област не треба да се толкуваат како конфронтирачки.
„Кога сфатија дека НАТО, предводен од Соединетите Американски Држави, повеќе не може целосно да ја гарантира нивната безбедност, Европа, наместо да бара начини за деескалација, одлучи да создаде сопствен безбедносен идентитет“, рече Песков.
Руската амбасада во Белгија ги предупреди НАТО и белгиското Министерство за надворешни работи дека активностите на Алијансата околу Калининградската област и зголемувањето на тензиите го зголемуваат ризикот од директен вооружен конфликт, наведувајќи дека Москва е подготвена да го искористи целиот расположлив арсенал за да ја заштити својата територија.
Песков истакна дека сè за што зборуваше рускиот претседател Владимир Путин на Минхенската безбедносна конференција во 2007 година, се покажало како точно.
Песков наведе дека говорот на Путин тогаш бил погрешно протолкуван како конфронтирачки, иако, како што рече, рускиот претседател зборувал за отвореност кон дијалог и предупредил на растечките противречности и предусловите за конфронтација.
