Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека европските земји треба сериозно да ги сфатат информациите за наводните планови на Киев да изврши напади врз британски дипломати во Москва, оценувајќи дека украинската страна се обидува преку провокации дополнително да го вовлече Западот во војната.
„Провокациите се она со што се занимава режимот во Киев. Украинците се обидуваат, се обидувале и, очигледно, ќе продолжат да се обидуваат да изведуваат провокации за да ги вовлечат своите западни инструктори подлабоко во војната“, рече Песков.
Тој додаде дека таквите обиди се под будното око на руските безбедносни служби.
Песков одговори и на прашање во врска со низата инциденти што предизвикаа нови политички контроверзии во последните денови.
Тој, меѓу другото, се осврна на тврдењето на норвешкиот премиер Јонас Гар Стјоре дека дрон за малку ќе го удреше авионот на Володимир Зеленски при полетувањето од Кишињев, како и на изјавата на поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, за апсењето на наводен украински агент кој се обидел да пренесе експлозив преку молдавската граница.
На прашањето како Кремљ гледа на ваквите настани, Песков рече дека, според руската страна, самите Украинци признаа оти не постоела реална закана за авионот.
Според неговата оценка, Москва во овие случаи гледа шема на дејствување што би можела да има за цел да предизвика нова ескалација.
Тој особено предупреди дека, според мислењето на Кремљ, за западните земји станува сè потешко да ги контролираат постапките на Киев.
„Тоа е очигледен факт. Исто како што Германија престана да ја контролира ситуацијата, па Украина го крена во воздух ’Северен тек‘ – така е и овде“, рече Песков.
