Во вонреден инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство отстранети се сите диви тезги на Бит пазар и одземена е храна во количина од околу 500 килограми од кои најголем дел земјоделски производи.
Инспекцискиот надзор е спроведен денес во раните утрински часови долж булеварот „Крсте Петков Мисирков“ на потегот од трговскиот центар Мавровка до Бит пазар.
– Отстранети се сите диви тезги, повеќето со овошје и зеленчук. Одземена е храна во количина од околу 500 килограми (најголем дел земјоделски производи) и отстранета е целокупната опрема за продажба која била на диво поставена на пешачките и велосипедските патеки. Во координација со комуналните инспектори на Град Скопје на сторителите ќе им бидат изречени соодветни прекршочни мерки, информира АХВ.
Од АХВ информираат дека вчера во заедничка акција со СВР Гостивар, официјални ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство на приватен имот во село Чајле, запленија и на депонијата Русино нештетно уништија 150 килограми месо со изминат рок, без декларација и со непознато потекло.
