„И Здравје и Работа“: Стратешките одлуки не смеат да се носат под притисок на закани и политички игри

Од:

Рударството може да биде еден од столбовите на идниот економски развој на Македонија. Во време кога бакарот и другите критични минерали добиваат сè поголемо стратешко значење, прашањето не е дали државата треба да има развој, туку како тој развој да го обезбедиме одговорно, одржливо и во интерес на граѓаните.

Затоа, одлуките за стратешките проекти и економскиот развој на државата не смеат да се носат под притисок на закани, навреди или политички игри. Јавната дебата е демократско право, но таа мора да се води со аргументи, факти и стручни анализи, а не со притисок врз експерти и институции.

Нацрт-просторниот план е стратешки документ кој ги утврдува насоките за идниот просторен развој и ги идентификува потенцијалите и развојните можности. Самото внесување на одредена локација во планот не претставува автоматска дозвола за отворање рудник, туку секој конкретен проект подлежи на дополнителни процедури, дозволи и законски услови.

Токму затоа е загрижувачки кога, наместо аргументирана расправа за тоа како може да се реализира еден проект со највисоки стандарди за заштита на животната средина, се прибегнува кон навреди и закани кон луѓето кои ги претставуваат институциите и стручната работа. На јавната расправа во Струмица беа регистрирани и такви инциденти, што не придонесува за сериозна дискусија за иднината на земјата.
Во 21 век развојот и заштитата на животната средина не мора да бидат спротивставени цели. Современото рударство се развива токму во насока на нови технологии, одржливо користење на минералните ресурси, намалување на влијанието врз животната средина и одговорно управување со отпадот. И самиот Нацрт-просторен план ги препознава овие принципи како дел од идниот развој на рударскиот сектор.

Затоа прашањето треба да биде: какво рударство сакаме, а не дали Македонија треба да се откаже од својот минерален потенцијал.

Кому му одговара Македонија да не ги користи своите природни и економски потенцијали? Кому му одговара да нема нови инвестиции, нови работни места и нови можности за младите?

Не треба да се плашиме од развојот. Треба да бараме развој со правила, со наука, со високи еколошки стандарди и со јасна корист за државата и граѓаните.

„И Здравје и Работа“ смета дека иднината на Македонија не смее да се определува со закани и политички притисоци. Таа треба да се гради врз факти, експертиза, институции, инвестиции и одговорност кон идните генерации.

Би можело да ве интересира

И Здравје и Работа: Минералните суровини треба да се стават во функција на подобар животен стандард и спречување на „белата чума“

„И Здравје и Работа“: Стратешките рударски проекти не смеат да бидат заложници на уцени и ултиматуми

И Здравје и работа: Рударството повторно паѓа – не смееме немо да гледаме како ни се гаси една од стратешките индустрии

А1он

„И здравје и работа“: Да градиме рударство што создава работа, развој и сигурна иднина

И Здравје и работа: Одлуките за рударството треба да се темелат на науката, стручноста и институционалната контрола

„И Здравје и Работа“: Европското искуство покажува дека може „и екологија и рударство“