Цело стадо диви свињи вечерва се спушти над Јосифово, во пределот над овоштарниците, што предизвика вознемиреност кај жителите.
Околу 21:30 часот, при излегување во близина на овоштарниците, ќерката на едно семејство налетала на стадото диви свињи по што избегала. Според сведоштвата на жителите, животните слободно се движат во близина на селото, копаат по земјата, бараат храна, ги кинат и рушат оградите и влегуваат во оградени простори.
Жителка за А1он вели дека досега никогаш не се случило диви свињи да се спуштат толку блиску до Јосифово. Дополнително ги загрижува тоа што животните се појавуваат многу блску а, според нивните сведоштва, се приближуваат и кога има светло.
„Првпат е ова, никогаш досега немало ваква појава. Се спуштаат до овоштарниците и ги кинат цревата, копаат, ги рушат оградите и влегуваат внатре“, велат жителите.
Дивите свињи најчесто избегнуваат контакт со луѓе, но можат да бидат опасни доколку се почувствуваат загрозени, особено ако во стадото има млади. Затоа жителите се повикуваат да не им се приближуваат и да не се обидуваат сами да ги истераат.
Појавата на диви свињи во близина на населени места не е изолиран случај. Во други делови од земјава, меѓу кои Полошко и Водно, во изминатиот период исто така се регистрирани случаи на диви свињи кои се спуштаат во близина на ниви и куќи.
Жителите на Јосифово велат дека во околината се забележуваат и помали волци, што дополнително ја зголемува нивната загриженост.
Тие вчерва упатија апел до надлежните институции што поскоро да излезат на терен, да ја проценат состојбата и да преземат соодветни мерки.
„Не можеме сами да се справиме со ова. Денес се над овоштарниците, но стравуваме дека можат да се спуштат уште поблиску до куќите. Постојано, секој ден гледаме траги и пустош што остваат. Вечерва веќе се спуштија многу блиску, со куќите, нашиот овоштарник е на 15 метри од куќата. Бараме надлежните да реагираат навреме“, вели жителка на Јосифово за А1он.
