40 години затвор за убиецот на младиот доставувач на храна во Хрватска

Од:

Кристијан Алексиќ е осуден на 40 години затвор за убиството на 19-годишниот доставувач на храна и матурант Лука Миловац, што се случи во мај во Дрниш, Хрватска. Пресудата денеска ја изрече Жупанискиот суд во Шибеник.

Алексиќ на почетокот на судењето ја призна вината, како и во текот на претходното испитување во Државното обвинителство.

За две кривични дела поврзани со оружје, судот му изрече казни од две и три години затвор, по што му определи единствена казна од 40 години долгогодишен затвор.

Едното дело се однесува на оружје што Алексиќ го изработил неколку години пред убиството, додека другото се однесува на оружјето што го изработил во 2023 година и со кое подоцна го убил Миловац.

Алексиќ е задолжен на семејството на убиениот да му исплати 50.000 евра, како и да ги надомести трошоците на судската постапка. Притворот му е продолжен до правосилноста на пресудата.

На вчерашното рочиште во судницата беше пуштена снимка од исказот на Алексиќ пред обвинителството. Тој рекол дека немал намера да убие конкретна личност, туку кој било доставувач што ќе се појави на неговата врата.

„Да доставеше кој било, исто ќе поминеше“, рекол тој во исказот пред истражителите.

Алексиќ објаснил дека живеел во тешки услови и имал сè поголеми долгови, поради што решил да изврши тешко кривично дело за да заврши во затвор. Во исказот рекол дека не се кае за убиството.

„Не се каам. Жал ми е единствено за чизмите што ги износив“, рекол тој во врска со бегството по убиството.

Алексиќ го пречекал доставувачот со импровизирано огнено оружје што претходно сам го изработил според упатства од интернет. Со себе имал и воен нож со сечило долго околу 30 сантиметри, кој, според неговиот исказ, планирал да го употреби доколку пиштолот откаже.

За доставувачите да не се посомневаат во неговите намери, претходно неколку пати нарачувал храна. Кобната вечер пристигнале двајца млади луѓе. Алексиќ пред истражителите рекол дека одлучил едниот да го убие со пиштол, а другиот со нож.

Откако пукал во Лука Миловац во градите, неговиот пријател успеал да избега. Алексиќ потоа побегнал во тешко пристапен предел, а полицијата го пронашла и го уапсила следниот ден. Оттогаш се наоѓа во притвор.

Би можело да ве интересира

Ја уби сопругата додека детето славеше роденден – таа повика полиција еден час претходно

А1он

Дигиталната забава бара повеќе од добар дизајн: Како возрасните ја избираат вистинската онлајн платформа

Опасниот отпад ја ниша хрватската влада

Пријава против мотоциклист, и покажа среден прст на полициска камера – казната е најмалку 700 евра

А1он

Српски инфлуенсер уапсен во Сплит поради четнички тетоважи: ќе биде протеран од Хрватска

Предраг Петровиќ

Бугарин во Хрватска како лажен лекар мамеше постари жени – уапсен е

А1он