Хрватската дискографска куќа „Хит Рекордс“ од Загреб, објави двојно винилно издание „Најдоброто од Тоше Проески“, со кое им оддава почит на животот и творештвото на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески.
Изданието претставува пресек на кариерата на Проески преку 16 од неговите најпознати песни, меѓу кои се „Игра без граници“, „Једина“, „Чија си“, „Боже, брани ја од зла“, „Пратим те“, „Срце није камен“ и „Несаница“.
Покрај портретите на Проески на предната и задната корица, изданието содржи и колаж од приватни и професионални фотографии кои ги доловуваат најзначајните моменти од неговиот живот и кариера, од концертните настапи до личните мигови надвор од сцената. За визуелниот идентитет на албумот бил задолжен дизајнерот Игор Келчец.
Од „Хит Рекордс“ посочуваат дека двојниот винил нуди не само висококвалитетен звук прилагоден на аналогниот формат, туку и богато визуелно искуство што дополнително го доближува ликот и делото на еден од најомилените пејачи на Балканот.
– Прелистувајќи ги страниците на изданието, се отвораат сцени од некои од најубавите моменти од животот на Тоше, од незаборавните настапи на сцената до оние поинтимните, далеку од рефлекторите, а кои го одбележаа неговиот живот и кариера. Токму таа комбинација на професионални и приватни моменти му дава на ова издание посебна топлина и дополнителен шарм, создавајќи приказна која го надминува она што е забележано со објективот – посочуваат од Хит Рекордс.
Според нив, објавувањето на оваа двојна плоча е посебна можност повторно да се потсетиме на неговите најубави изведби и да ги доживееме во топлината и посебноста на звукот на винилот.
-Додека плочата се врти на грамофонот, гласот на Тоше повторно го исполнува просторот, будејќи ги емоциите и спомените кои ниту годините не успеале да ги избришат – дополнуваа оттаму.
Тоше Проески, кој трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа на автопат кај Нова Градишка, Хрватска, останува едно од најголемите имиња на македонската и регионалната музичка сцена, а неговите песни и денес се дел од колективната меморија на генерации слушатели.
