Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска, по двата напади на северот на Западниот Брег, изјави дека ниту еден терорист нема „имунитет“ и дека сите што учествуваа во нападите ќе бидат повикани на одговорност.
„Ќе ги повикаме сите на одговорност – во Газа, Либан, Јудеја и Самарија. Наредив израелските безбедносни сили да испратат засилување на Западниот Брег“, се наведува во соопштението од кабинетот на премиерот, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот претседател Исак Херцог во изјава истакна дека „тероризмот нема да го скрши духот на Израелците“.
Израелец на возраст од триесетина години денеска им подлегна на повредите здобиени при пукање во близина на еврејската населба Халамиш на Западниот Брег, соопшти израелската полиција.
Како што се наведува, мажот се наоѓал во автомобил во близина на природен извор во таа област кога палестински напаѓач отворил оган врз луѓето што се капеле, а потоа побегнал од местото на настанот.
