Националниот парк Маврово заглавен во правна неизвесност: потребна е итна интервенција од Министерството и Владата

Од:

Националниот парк Маврово повеќе од една деценија се наоѓа во правна неизвесност, а процесот за негово повторно прогласување сè уште не е завршен, соопшти „Еко-свест“.

Од организацијата велат дека поради незавршениот процес, паркот нема клучни механизми за современо управување со заштитеното подрачје, меѓу кои задолжителен план за управување и нов просторен план.

Дополнителна загриженост, според „Еко-свест“, предизвикува и несогласувањето на раководството на ЈУ Национален парк Маврово со научните наоди и предложеното зонирање во Студијата за валоризација, која, како што наведуваат, е изработена со јавни и донаторски средства.

Од организацијата посочуваат дека во Маврово и натаму се одвиваат активности кои, според нив, можат негативно да влијаат врз природните вредности на паркот, меѓу кои комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за изградба на мали хидроелектрани.

„Од 2010 година, кога требало да заврши процесот на подготовка на закон и подзаконски акти, па досега не е донесен закон за повторно прогласување на Маврово за национален парк. Во 2015 година имало иницијатива која без образложение била повлечена од страна на Владата“, изјави Марко Гучески, правник во „Еко-свест“.

Според него, неопходно е да се донесе закон за националниот парк, од кој треба да произлезат планот и програмата за управување со Маврово. Тој посочува дека Министерството за животна средина е највисокиот орган за заштита на природата во државата.

Прашањето за заштитата на Маврово се следи и во рамки на Бернската конвенција, каде што, според „Еко-свест“, случајот се разгледува од 2013 година. Организацијата наведува дека во 2025 година била упатена препорака до македонските власти за запирање на развојот на хидроцентрали во Маврово и за итно повторно прогласување на паркот.

„Еко-свест“ тврди дека од минатата година нема комуникација меѓу Секретаријатот на Бернската конвенција и Министерството за животна средина.

„21 организација го поддржаа писмото испратено до Министерството за животна средина, со кое бараме Министерството итно и без одложување да го преземе административниот процес на прогласување на паркот, да го стави Законот за репрогласување на Маврово на јавна расправа, за да може да се усвои во Собранието“, изјави извршната директорка на „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.

Организацијата бара Министерството за животна средина и просторно планирање итно да го преземе административниот процес за повторно прогласување на Националниот парк Маврово, предлог-законот да биде ставен на јавна расправа и да продолжи постапката за негово усвојување во Собранието.

Меѓу барањата се и усогласување на управувањето со паркот со научните наоди од Студијата за валоризација и предложеното зонирање, прогласување мораториум на активности и проекти кои не се во функција на заштитата на природата до воспоставување целосна законска рамка, како и исполнување на меѓународните обврски на државата, вклучително и препораките во рамки на Бернската конвенција.

Од „Еко-свест“ оценуваат дека долгогодишното одложување на процесот не треба да продолжи и бараат итно институционално дејствување за воспоставување, како што наведуваат, соодветна и законски заснована заштита на Националниот парк Маврово.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Туристи во костими за капење се качуваат на црквата „Св.Никола“ во Мавровското езеро, предизвикаат жестоки реакции

Катерина Ѓуровски

Во НП Маврово поставени 60 камери за видеонадзор

Обилни врнежи во Маврови Анови, снежна покривка од 43 сантиметри на Попова Шапка

Горан Наумовски

Воведена e забрана за тешки возила на патниот правец Маврово–Дебар

Јакупоски: Маврово-Ростуше ќе ја направиме општина која ќе служи како сервис на граѓаните

Поради врнежи од снег забрана за тешки товарни возила на патот Дебар – Маврово