Еврокомесарката за проширување Марта Кос пред Европскиот парламент говореше на расправата за погребот на воениот злосторник Ратко Младиќ и порача дека за достоинството на жртвите на геноцидот и воените злосторства не може да се преговара.
„Минатата недела нè потсети на тоа колку е тешко да се соочиме со едно од најмрачните поглавја на поновата европска историја и огромното страдање предизвикано од војните во поранешна Југославија. Европската Унија е солидарна со сите жртви и нивните семејства. Стабилноста и напредокот на Западен Балкан се стратешки интерес на Европа, а Србија во тоа има посебно место“, порача Кос.
Таа потсети дека со поднесувањето на барањето за членство, Србија се согласила со европските вредности, а величењето на злосторствата е неспоиво со тие вредности и за него нема место во Европската Унија.
„Минатата година присуствував на погребот на седум жртви; многу жртви сè уште не се пронајдени и семејствата страдаат. Неразбирливо е одговорните за тие воени злосторства да се слават како херои. Сликите од погребот на Ратко Младиќ беа многу вознемирувачки, го покажуваат неуспехот да се соочиме со минатото и се спротивни на вредностите на европските интеграции. Особено вознемирувачки беше да се видат министри и претставници на војската, заедно со политичари од Република Српска, како му оддаваат почит на воениот злосторник“, наведе Кос.
Европската комисија ги повикува српските власти да придонесат кон помирувањето и минатото да престане да се користи како пречка за иднината.
„Сликите што ги видовме не го претставуваат српското општество во целина. Бројни граѓани ми пишуваа, отфрлајќи го величењето на воените злосторства. Знам дека Србија е повеќе од тоа. Србија се нејзиниот народ, нејзините млади, нејзините претприемачи, службеници, уметници, граѓани кои сакаат нивната земја да оди напред и сакаат да живеат во слободна и демократска европска Србија. Таа Србија сака нејзиниот глас да се слушне, заслужува поддршка и таа Србија има поддршка во Европа.
Да се биде пријател на Србија значи да се биде искрен кон Србија; можеме да не се согласуваме околу политиката, да имаме остри зборови за реформите, но не смееме да преговараме за достоинството на жртвите на геноцидот и воените злосторства. Европа не бара од Србија да го негира својот идентитет и историја, но бара да се соочи со историјата и со нејзините најмрачни поглавја.
Напредокот на европскиот пат на Србија е во наш заеднички интерес и Комисијата ќе направи сè за да го поддржи европскиот пат на Србија“, порача Кос.
Таа рече дека кога се зборува за Србија, се зборува и за Европа, а дека помирувањето ги поставило темелите на Европската Унија, бидејќи француските и германските лидери одлучиле да ги постават темелите и да ги залечат најболно ранетите места, и дека земјите од Западен Балкан можат да одлучат да ги надминат поделбите и да изградат заедничка иднина.
„Не можеме да ѝ свртиме грб на Србија и на оние кои сакаат да живеат во слободна и демократска земја“, порача Кос.
Таа истакна дека очекува изборите во Србија да бидат слободни и фер, во согласност со меѓународните стандарди.
„На крајот на октомври Комисијата ќе го објави извештајот за Србија и ќе даде оценка. Напредокот зависи од новата српска влада и ќе направиме сè што е во наша моќ за Србија да може да напредува на европскиот пат, а почитувањето на вредностите е нешто за што не може да се преговара“, заклучи Кос.
