Државниот завод за ревизија утврдил низа слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ Скопје. Според ревизорите, постапките не биле во согласност со релевантната законска и подзаконска регулатива, плановите и склучените договори во сите материјални аспекти.
Ревизијата опфатила 27 постапки за јавни набавки со реализација во 2024 година. Од нив, две биле спроведени во 2022, 19 во 2023, а шест во 2024 година. По овие постапки, во 2024 година биле преземени обврски во вкупен износ од 8,858 милијарди денари, односно околу 143,6 милиони евра.
Ревизорите утврдиле слабости уште во фазата на планирање. Годишниот план за јавни набавки бил изготвен врз основа на податоци од претходно склучени договори, без соодветно истражување на пазарот и без користење на можноста за технички дијалог. Констатирани се и неосновано определување на проценетата вредност и недостаток на аналитички пристап при утврдувањето на потребите.
Како последица, во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план за јавни набавки, што според ДЗР влијаело врз ефикасноста на постапките, планирањето на средствата и роковите, како и врз транспарентноста и предвидливоста.
Ревизорите потврдиле и дел од наодите од „Извештајот за црвени знаменца 2024“ на Бирото за јавни набавки, меѓу кои значителен број постапки со измени и дополнувања на огласите и тендерската документација, како и поништени и обжалени постапки.
Дел од анализираните постапки се однесувале на договори со шест економски оператори кои сочинувале повеќе од 70 отсто од вкупната вредност на договорите склучени во 2024 година, како и на постапки во кои била доставена само една понуда. Според ДЗР, овие состојби упатуваат на ограничена конкуренција, слабости во подготовката на документацијата и зголемен ризик од неекономично и неефикасно користење на јавните средства.
Мотор од 2,48 милиони евра не бил ставен во функција
Како конкретен пример, ДЗР ја издвојува постапката со преговарање без објавување оглас за набавка на гасен мотор.
Ревизорите не можеле да ја потврдат оправданоста на повикувањето на крајна итност. Иако за набавката бил исплатен значителен дел од договорната вредност – 153,283 милиони денари, односно околу 2,48 милиони евра, моторот не бил ставен во функција, туку подолг период бил складиран без обезбедени предуслови за негово користење.
Според ДЗР, ова упатува на преземање договорни обврски без претходно да биле обезбедени услови за инсталирање и оперативно користење на опремата.
Ревизијата открила и набавки на стоки и услуги кои не биле искористени или не биле целосно реализирани.
Кај набавката на адитив биле платени 141,6 милиони денари, односно околу 2,29 милиони евра, при што најголемиот дел од набавеното останал неискористен и му истекол рокот на употреба.
Дополнително, биле платени 106,2 милиони денари или околу 1,72 милиони евра за активности за дислокација на опрема која не била ставена во употреба.
ДЗР оценува дека ваквите состојби претставуваат финансиски загуби, нерационално користење на јавни средства и негативно влијаат врз извршувањето на дејноста.
Анекси за осигурување и покрај мислење дека цените не се пазарни
Ревизорите утврдиле слабости и кај јавната набавка на осигурителни услуги, чија постапка била спроведена во 2022 година и била поделена на 10 дела.
Во 2023 година биле склучени договори за шест дела во вкупна вредност од 355,486 милиони денари или околу 5,8 милиони евра, со рок на реализација од две години.
Со анекси кон договорите за три дела, нивната вкупна вредност била зголемена за 68,204 милиони денари, иако стручната комисија дала мислење дека понудените цени не се пазарни.
Дополнително, пред истекот на договорите за овие три дела, нивното времетраење било продолжено.
Во осигурителните полиси биле наведени агент/брокер и друштво за застапување, иако посредувањето не било предвидено во тендерската документација. Не била обезбедена ниту документација со која би се потврдиле обемот и придобивките од таквото посредување.
Техничките спецификации можеле да фаворизираат одреден бренд
Во повеќе постапки ДЗР утврдил слабости во техничките спецификации и условите за докажување способност.
Во одделни случаи, техничките спецификации биле поставени на начин кој можел да упатува на конкретен дизајн, бренд или овластен производител. Истовремено, условите за докажување финансиска, техничка и професионална способност не секогаш биле сразмерни со предметот на набавката.
Кај дел од постапките не била спроведена целосна и детална проверка на доказите за исполнување на условите, а кај испорачаните стоки и услуги во одредени случаи недостасувала соодветна техничка, атестна и друга документација.
Ревизорите утврдиле и случаи во кои по извршената испорака биле прифатени суштински измени на техничките карактеристики, што, според ДЗР, го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките.
При реализацијата на договорите биле утврдени дополнителни слабости. Во одделни случаи договорите биле менувани со анекси без доволно уверливо образложение, а за одредени услуги немало документација со која би се потврдила оправданоста и обемот на извршените активности.
ДЗР утврдил и дека во 2024 година бил надминат законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка, за 81.644 евра.
Ревизорите препорачале преземање мерки за подобрување на планирањето и контролата на јавните набавки, со цел да се обезбедат поголема транспарентност и конкуренција, подобар квалитет на набавките и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства во АД ЕСМ Скопје.
