Големо невреме зафати делови од Европа, со силни грмотевици, обилни врнежи, град и ветер. По јужна Франција и северна Италија, невремето денеска ја зафати и Словенија, а потоа стигна и до Хрватска.
Во Словенија бурите најпрво го погодија западниот дел од земјата. Најсилен ветер имало во крајбрежните области, каде налетите достигнувале околу 50 километри на час, додека на метеоролошката станица Канин бил измерен налет од дури 103 километри на час.
Во текот на претпладнето бурите продолжиле да се шират кон внатрешноста на земјата, а околу пладне го зафатиле и главниот град Љубљана.
Поради опасност од силни налети на ветер, словенечката Агенција за животна средина издаде портокалово метеоролошко предупредување.
Силното невреме го погоди и северот на Италија, каде донесе пад на температурите и нагло прекинување на периодот на високи летни температури.
Во Милано, градските власти превентивно ги затворија парковите поради опасност од кршење гранки и паѓање дрвја под налетите на силниот ветер и обилниот дожд.
⛈️Video di Matilde Mazza, per meteofvg, della linea temporalesca vista da San Giovanni al Natisone (UD).
La linea temporalesca, che ha coinvolto in Veneto, sta colpendo in questi minuti Udinese, Goriziano e Triestino. pic.twitter.com/9wUSyLg1wf
— Italia 24H Live 🔴 – Notizie dall’Italia (@Italia24HLive) September 9, 2026
Невремето предизвика проблеми и во железничкиот сообраќај. Дел од железничките линии беа привремено прекинати, а повеќе возови беа откажани поради паднати гранки на пругите.
Бурата во текот на денот стигна и до Хрватска. Најпрво беа зафатени северниот Јадран и Горски Котар, а невремето се шири и кон централниот дел на земјата.
На крајниот исток и југ на Хрватска се очекува времето да остане претежно суво, додека кон крајот на денот и во текот на ноќта се очекува заладување.
