Меркел шокирана од изборниот триумф на десницата во Германија

Од:

Победата на партијата „Алтернатива за Германија“ (AfD) на изборите во сојузната покраина Саксонија-Анхалт длабоко ја погоди поранешната канцеларка Ангела Меркел, пренесува dpa.

Тоа е „едноставно шокантно“, изјави поранешната претседателка на Христијанско-демократската унија (CDU) денеска на саемот „Digital X“ во Келн, пишува dpa.

CDU претрпе тежок пораз, при што партијата доби двојно помалку гласови отколку на претходните избори.

„Како членка на CDU, срцето ми се крши“, рече Меркел, која беше канцеларка од 2005 до 2021 година.

„Тоа е пресвртница, вистинска пресвртница што ја доживуваме во историјата на Сојузна Република Германија“, додаде Ангела Меркел.

Таа препорача поинаков начин на комуникација со цел подобро да се допре до граѓаните и појасно да се објасни напредокот што се случува.

„Директното обраќање кон граѓаните“ веројатно стана поважно од порано, изјави поранешната канцеларка. Демократските партии сега мора да бараат поголем контакт со граѓаните, смета Меркел.

Она што ја загрижува е тоа што фактите веќе немаат толкава тежина за многу луѓе, туку предност им се дава на чувствата.

Како пример, таа го наведе фактот – како што рече – дека во Саксонија-Анхалт невработеноста е намалена, а личниот животен стандард е зголемен.

„А потоа, главниот кандидат (на партијата „Алтернатива за Германија“) вели: ’Можеби е така, но луѓето не го доживуваат тоа на тој начин’“, објасни политичарката.

Не смее да се дозволи таквиот став да биде прифатен од мнозинството, рече Меркел.

Напредокот на Просветителството, додаде таа, се состоеше во тоа што луѓето можеа да се согласат околу фактите.

„Ако сега преовладуваат чувствата, а фактите повеќе не се сметаат за најважни, тоа ќе претставува цивилизациски чекор назад“, заклучи Ангела Меркел.

Би можело да ве интересира

Меркел не сака да биде преговарач меѓу Украина и Русија

Горан Наумовски

Меркел: Европа не го користи доволно својот дипломатски потенцијал во војната меѓу Русија и Украина

А1он

Меркел негира дека може да биде претседател на Германија

А1он

Ангела Меркел се враќа во политиката

Меркел, Фон дер Лајен и Тедрос: На светот му е потребен нов договор за пандемии

Меркел: Се бориме за почеток на преговорите со Северна Македонија, сè уште има шанси

Жарко Настоски