Голем пожар утрово се закануваше да го зафати прилепското село Бонче, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој вели дека селото е спасено благодарение на храбрата интервенција на доброволните пожарникари од Битола и Кочани, кои биле распоредени уште синоќа.
„Пламените јазици дојдоа до последните куќи на неколку стотици метри. Избегната е голема трагедија“, изјави Ангелов.
Во Бонче има повеќе од 50 до 60 куќи, распоредени на неколку ридишта, опкружени со висока и сува вегетација.
Поради непристапниот терен, противпожарните пресеки направени во претходните денови не биле доволни за да го запрат огнот.
Во гаснењето се вклучиле и професионалните пожарникари од Прилеп и Кавадарци, а превентивно била повикана и екипа на Итна медицинска помош од Прилеп. Неколку доброволци од Битола се наголтале чад.
Покрај пожарот кај Бонче, огнената стихија се приближила и на околу сто метри од последните куќи во село Палиград, на планината Китка. Таму се распоредени скопски пожарникари и екипа на Дирекцијата со „Пинцгауер“, а во гаснењето од воздух се вклучиле и трите „Ер трактори“.
„Се надевам дека со трите Ер Трактори ќе зададеме конечен удар на тој пожар на Китка“, рече Ангелов, посочувајќи дека пожарот повеќепати бил ставен под контрола, но повторно се активирал поради високите температури, ветерот и тешкиот терен.
