Американскиот јавен долг за првпат надмина 40 илјади милијарди долари

Од:

Американскиот јавен долг за првпат надмина 40 илјади милијарди долари, покажуваат податоците на американското Министерство за финансии.

Растот на долгот е поттикнат од високите трошоци за одбрана, социјалните програми, намалувањето на даноците и сè поголемите камати на зголемениот дефицит, што дополнително ги оптоварува државните финансии.

Новиот рекорд е достигнат само пет месеци откако американскиот долг во март го надмина претходниот рекорд од 39 илјади милијарди долари, и тоа порано од очекувањата на аналитичарите.

За 20 години долгот е зголемен четирикратно

На растот на долгот делумно влијаеле и милијарди долари од приходите од царините на претседателот Доналд Трамп кои биле прогласени за неважечки, поради што Министерството за финансии морало побрзо да се задолжува за да ги подмири државните обврски.

Рекордното ниво на долгот дополнително ги нагласува спротивставените приоритети на американската администрација – од зголемување на издвојувањата за одбрана, на кои САД се потпираат во војната на Трамп против Иран, која трае речиси шест месеци, до настојувањата за намалување на цените на горивото и храната за американските граѓани.

Според АП, американскиот долг сега е повеќе од двојно поголем отколку пред помалку од десет години, во периодот на претседателските мандати на Доналд Трамп и Џо Бајден. За помалку од 20 години долгот е зголемен четирикратно. Кон крајот на 1990-тите изнесувал нешто повеќе од три илјади милијарди долари.

Огромната државна потрошувачка

Главната причина за растот на долгот е тоа што американската федерална влада со години троши повеќе пари отколку што собира преку даноците.

На тоа влијаеле намалените даночни приходи, високите воени и други државни трошоци, финансиската криза од 2008 година, пандемијата на Ковид-19, како и зголемените трошоци за пензискиот систем и здравствените програми, како што се Social Security и Medicare.

Дополнително, на државниот долг се плаќаат камати, па и тие со текот на времето стануваат сè поголем дел од државните расходи.

Би можело да ве интересира

Песков го критикува Брисел: Америка бара мир, додека Европа поттикнува војна

Нетанјаху: Трамп не ме спречи да го нападнам Иран

Аракчи: Ако Америка е искрена, мора да се придржува до нашите услови

Пезешкијан: Заканите и санкциите мора да се укинат за да се отвори пат за дијалог

Порака на Мерц до САД: Замрзнатите руски пари остануваат во Европа

(ВИДЕО) Пожар во Калифорнија зафати 465 хектари – издадена е наредба за итна евакуација