Три пожари биле регистрирани во велешко во текот на вчерашниот ден и ноќта, информираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес. Пожарите биле на различни локации, а во гасењето покрај пожарникарите учествувале и жители, локалната самоуправа и доброволци.
Синоќа во 22:30 часот, во ТППЕ Велес била примена дојава за запалена шума на ридот меѓу селата Сопот и С’лп. Екипа со едно противпожарно возило и двајца пожарникари веднаш се упатила на терен.
Пожарот бил ставен под контрола, но еден крак и натаму гори поради непристапниот и тежок терен, што го отежнува гасењето.
Претходно, вчера во 17:02 часот, пожар избувнал кај железничката станица во Богомила, каде што се запалила сува трева, а огнот зафатил и складирани железнички прагови и бандери покрај пругата.
На терен излегле две противпожарни возила со четворица пожарникари. Во гасењето учествувале и жители на Богомила, вработени од Општина Чашка, екипи на ЈПКД „Тополка“, како и доброволци од здружението „Бабуна“.
Со брзата интервенција пожарот бил локализиран и било спречено негово проширување кон објектите. Од Општина Чашка информирале дека во пожарот биле изгорени треверци на самата пруга кај Богомила.
Од Железничката станица во Велес информираат дека и покрај пожарот, возовите на релацијата Скопје – Велес – Богомила – Битола и обратно сообраќале и синоќа и денеска.
Вчера во 10:15 часот била пријавена и запалена сува трева меѓу селата Бузалково и Сливник. ТППЕ Велес интервенирала со едно противпожарно возило и четворица пожарникари-спасители.
Пожарот зафатил околу два хектари трева и грмушки, но со помош на жители од Бузалково и Сливник, кои учествувале со луѓе и механизација, бил брзо ставен под контрола и целосно изгаснат.
Од ТППЕ Велес апелираат граѓаните да бидат внимателни и да не предизвикуваат пожари. Доколку забележат пожар, веднаш да го пријават на бесплатните телефонски броеви 193 или 112.
