Британската Кралска морнарица се соочи со сериозен безбедносен проблем откако откри дека камерите поставени на поморски дронови што ги користат елитните специјални сили испраќаа податоци до IP-адреса во Кина, објави „The Telegraph“.
Камерите на беспилотните пловила K3 Scout содржеа компоненти произведени во Кина, а истрагата покажа дека тие испраќаа таканаречени „heartbeat“ комуникации – сигнали со кои уредот потврдува дека е поврзан на интернет и дека функционира – кон адреса во Кина.
Кралските маринци од март користат флота од овие дронови вредна 12 милиони фунти. По откривањето на безбедносниот пропуст, британското Министерство за одбрана ја прекина интернет-врската на камерите.
Случајот предизвика загриженост дека Пекинг можеше да ја користи технологијата за шпионирање на британската војска. Министерството за одбрана, сепак, соопшти дека истрагата не пронајде докази дека чувствителни податоци или воени системи стигнаа во странство.
Дроновите ги испорача британската одбранбена компанија Kraken Technology Group, која камерите ги набави од друг добавувач. Компанијата претходно доби уверување дека опремата е безбедна.
Дополнителна загриженост предизвика фактот што дроновите се користеа во близина на седиштето на британската Special Boat Service (SBS) во Пул, Дорсет, каде што пристап има персонал со доверливи информации.
Извор од британскиот одбранбен сектор за „The Telegraph“ изјави дека дроновите K3 се дел од идниот британски одбранбен пакет за обезбедување слободна пловидба низ Ормускиот Теснец и дека подготовките за британските активности во Заливот се изведуваа со овие беспилотни пловила.
„Ова е голем пропуст во проверката на потеклото на компонентите и ја загубивме довербата во оваа платформа“, рече изворот.
Загриженост предизвикаа и информациите дека камерите можеби се наоѓаа во близина на чувствителни состаноци на високи припадници на специјалните сили, како и дека остануваа активни дури и кога дроновите беа исклучени.
Британското Министерство за одбрана нагласи дека безбедноста на воената опрема, мрежите и податоците ја сфаќа исклучително сериозно.
„Рутинска проценка на кибернетичката ранливост идентификува проблем во потсистем на беспилотното површинско пловило на Kraken што го користи Кралската морнарица. Деталната истрага не пронајде докази дека некој пристапи до податоци или системи на Министерството за одбрана, ги компромитира или ги пренесе надвор од земјата“, соопшти портпарол на Министерството.
Случајот повторно ја отвори дебатата во Велика Британија за употребата на кинески компоненти во чувствителна воена и комуникациска опрема.
Конзервативците побараа Владата итно да ја провери воената опрема за да утврди дали во други системи има скриени компоненти од кинеско производство.
Алисија Кернс, министерка за безбедност во сенка, оцени дека Велика Британија мора да знае што точно се наоѓа во опремата што ја користат нејзините вооружени сили.
„Кога ќе откриеме дека камери направени со кинески компоненти ги снимаат нашите специјални сили, нивните лица, обуката и операциите, не треба да бидеме изненадени, туку бесни што сè уште не ја сфативме реалноста на заканата со која се соочуваме“, рече Кернс.
Безбедносниот пропуст претставува удар и за проектот „Beehive“ на британската морнарица, кој предвидува развој на комбинирана флота од беспилотни пловила и традиционални воени бродови.
K3 Scout може да носи товар до 600 килограми и непрекинато да работи до 30 дена. Британската морнарица ги набави пловилата како дел од модернизацијата на своите борбени способности, а моделот го купи и американската Команда за специјални операции и учествуваше во тестирања на НАТО на Балтикот.
Откритието повторно го постави прашањето за зависноста од кинески компоненти во глобалниот синџир на снабдување, дури и кај воената опрема што се произведува и се промовира како британска.
