ВИДЕО: Кој е генералот Чајко, целта на нападот во московскиот ресторан

Од:

Во експлозијата што во саботата одекна во московскиот ресторан „Балзи Роси“ загинаа три лица, а повеќе од 20 се повредени. Според рускиот Национален антитерористички комитет, експлозивната направа ја внела доставувачка, која исто така загинала, како и обезбедувачот што се обидел да ја запре.

Во моментот на експлозијата во ресторанот се одржувала прослава по повод 55. роденден на генерал-полковникот Александар Чајко, командант на Воздушно-вселенските сили на Русија. Според руски медиуми блиски до властите, Чајко бил домаќин на прославата, но не бил повреден.

Доколку навистина бил цел на нападот, Чајко е еден од највисоко рангираните руски генерали врз кои е извршен обид за атентат од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Александар Јурјевич Чајко е роден на 27 јули 1971 година во Московската област. По завршувањето на военото училиште „Суворов“, кариерата ја продолжил во руската армија, а по враќањето од Германија напредувал во Московскиот воен округ, каде станал командант на Втората Таманска дивизија.

Дипломирал на Воената академија „Фрунзе“ во 2001 година, а во 2012 година и на Воената академија на Генералштабот. Во 2013 година бил унапреден во генерал-мајор, а подоцна командувал со Првата тенковска армија.

Во мај 2026 година бил назначен за командант на Воздушно-вселенските сили на Русија.

Чајко двапати командувал со руските сили во Сирија – од септември 2019 до ноември 2020 година, како и во текот на 2021 година.

Организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) во извештај од 2020 година наведува дека за време на командувањето на Сергеј Суровикин, Александар Сердјуков и Александар Чајко биле убиени најмалку 1.600 цивили, претежно во областа околу Идлиб. Во извештајот се документирани 46 напади врз објекти во кои немало воено присуство, меѓу кои и болници.

Иако организацијата не пронашла директни докази дека Чајко лично наредил такви напади, се наведува дека тие биле извршени во периодот кога тој командувал со руските сили.

По службата во Сирија, рускиот претседател Владимир Путин во 2020 година му ја доделил титулата „Херој на Русија“. Велика Британија во 2022 година го стави на листата на санкционирани лица поради поддршка на режимот на Башар ал Асад.

Чајко командувал со руските сили што во февруари и март 2022 година ја водеа офанзивата кон Киев.

Независни истраги утврдија дека за време на руската окупација на Буча и други населени места северозападно од Киев биле извршени бројни воени злосторства врз цивили, вклучувајќи убиства и мачења.

Украинските обвинители наведуваат дека немаат докази дека Чајко лично наредил конкретни злосторства, но дека тие биле извршени од единици кои биле под негова команда.

Во март 2022 година тој го посетил селото Здвиживка, каде се наоѓал командниот центар за нападот врз Киев, и таму доделувал признанија на војниците.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) во 2025 година објави аудиоснимка за која тврди дека на неа се слуша Чајко како во март 2022 година наредува напади врз градот Малин и селото Тетеревске, западно од Киев.

Според СБУ, на снимката се слуша наредба до јуришната авијација да изврши напад врз Тетеревске, како и планови за употреба на повеќецевни ракетни системи „Град“ и „Ураган“.

Автентичноста на снимката не е независно потврдена.

Украинските власти до моментот не ја коментираа експлозијата во Москва. Претседателот Володимир Зеленски во своето редовно обраќање зборуваше за нападите врз руски воени цели во Саратовската и Самарската област, без да го спомене инцидентот во ресторанот.

Претходни напади врз руски функционери

Ова не е прв напад врз висок руски воен функционер. Во Москва претходно беше убиен началникот на единиците за радијациска, хемиска и биолошка заштита Игор Кирилов, кој загина во експлозија на бомба поставена на електричен тротинет.

Во одвоен напад беше ранет и заменик-началникот на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), Владимир Алексеев, кој беше застрелан во влезот на својата станбена зграда и се наоѓа во тешка состојба.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Украинците погодија руски институт за беспилотни летала, Русија објави дека е убиено мало девојче на игралиште

ВИДЕО: Дел од Крим без струја поради украинските напади, храна се дели на улиците

ВИДЕО: Жесток напад, експлозии, мртви и повредени во Киев

Русија испраќа сметка до Европа, бара обештетување и враќање на 263 милијарди евра

(ВИДЕО) Зеленски: Иран ни се заканува, но нè нападна одамна

Истражување: ChatGPT и Gemini ширеле руска пропаганда