Тело на жена беше пронајдено во куфер во каналот во Падинска Скела (предградие на Белград), а според српските медиуми, станува збор за руската државјанка Људмила Туркова Константиновна, која исчезна на 25 јули годинава.
Засега нема официјална потврда за идентитетот на пронајденото лице, а надлежните органи ги утврдуваат сите околности на случајот.
Телото е испратено во Институтот за судска медицина, каде што со обдукција ќе се утврди точната причина за смртта и ќе се потврди идентитетот на жртвата.
Таа последен пат е видена на 25 јули. Според претходните информации, таа се подготвувала да оди во ноќен клуб во Белград, но не е познато дали навистина стигнала таму.
Последната порака ја испратила во 23:15 часот, по што ѝ се изгуби секаква трага.
Во моментот на исчезнувањето, според описот, таа носеше црни хеланки. Меѓу нејзините препознатливи белези се тетоважите – две змии на левата нога, голема калиграфска тетоважа на предниот дел од десната потколеница, тетоважа во јапонски стил на рамената, како и неколку помали тетоважи.
Безживотното тело на жената беше пронајдено синоќа во каналот во Падинска Скела, што ги вознемири жителите на оваа белградска населба.
Полицијата и форензичките екипи извршија увид, а истрагата е во тек.
