Бројот на пациенти кои побарале лекарска помош поради здравствените проблеми во Гостивар продолжува да се намалува, што според Министерството за здравство укажува на стабилизирање на епидемиолошката состојба. Во текот на вчерашниот ден во здравствените установи биле регистрирани 36 прегледи, што е речиси двојно помалку во однос на претходниот ден, кога биле евидентирани 73 пациенти. Во моментов на болничко лекување се задржани четири лица, извести Министерството за здравство.
Според податоците на Министерството, од почетокот на следењето на состојбата досега се извршени вкупно 4.483 први прегледи, додека епидемиолошките служби обработиле 706 анкети со цел да се утврдат околностите поврзани со појавата на заболувањата.
Иако трендот на намалување на бројот на нови пациенти се оценува како охрабрувачки, надлежните нагласуваат дека здравствените установи и понатаму остануваат во состојба на зголемена подготвеност, а епидемиолошкиот надзор продолжува без прекин.
Во меѓувреме, Министерството информира дека заклучно со 30 јули во земјава се потврдени 13 случаи на западнонилска треска. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 10 пациенти, од кои тројца се во критична здравствена состојба.
Како дел од мерките за превенција, изминатата ноќ беше реализирана дополнителна терестичка дезинсекција против комарци, со цел да се намали ризикот од понатамошно ширење на вирусот. Од Министерството за здравство велат дека остануваат во постојана координација со сите надлежни институции и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за секоја промена на состојбата.
