Екстремните топлотни бранови оваа година однесоа речиси 13.000 животи во Германија и Велика Британија, покажуваат најновите податоци на здравствените институции во двете земји.
Според германскиот Институт „Роберт Кох“ (RKI), заклучно со 19 јули во Германија се регистрирани околу 9.800 смртни случаи поврзани со високите температури. Тоа е најголемиот број за истиот период од годината од 2016 година наваму.
За споредба, во целата 2018 година, која досега важеше за најсмртоносна поради жештините во последната деценија, биле регистрирани околу 8.900 смртни случаи.
Според RKI, повеќе од 5.000 смртни случаи оваа година се поврзуваат со силниот топлотен бран во втората половина на јуни, кога температурите во многу делови од Германија достигнаа околу 40 Целзиусови степени.
Институтот наведува дека во периодот од почетокот на април до 12 јули биле регистрирани околу 7.900 смртни случаи, а само во неделата од 13 до 19 јули дополнително починале уште околу 1.900 лица.
Најпогодени се постарите лица и хронично болните. Според експертите, жештините ретко се директна причина за смрт, но во комбинација со кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни заболувања значително го зголемуваат ризикот од фатален исход.
Поради драматичниот пораст на бројот на жртви, германската опозиција и бројни организации бараат дополнителни инвестиции за заштита од топлотни бранови, особено во болниците, домовите за стари лица и градинките, каде што многу објекти сè уште немаат соодветни системи за ладење.
Слична е состојбата и во Велика Британија. Според податоците на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA), за време на двата топлотни бранови во мај и јуни биле регистрирани 2.877 смртни случаи поврзани со високите температури.
Од нив, околу 753 случаи се поврзуваат со топлотниот бран од 24 до 27 мај, додека дополнителни 2.124 смртни случаи се регистрирани за време на екстремните горештини од 21 до 28 јуни.
Британските здравствени власти предупредуваат дека бројот на жртви во само два месеца е речиси двојно поголем од вкупниот број смртни случаи поврзани со жештините регистрирани во текот на целата 2025 година.
