ВИДЕО: Големиот шумски пожар на грчки остров е надвор од контрола, наредена е евакуација

Од:

Големиот шумски пожар што избувна вчера попладне на грчкиот остров Парос и натаму е надвор од контрола, а утрово грчките власти распоредија дополнителни копнени и воздушни сили во обид да го локализираат огнот, јавува грчката новинска агенција АНА.

Властите стравуваат дека засилениот ветер може дополнително да го отежне гаснењето и да придонесе за ширење на пожарот. Досега се евакуирани девет населени места, откако преку системот за итни предупредувања „112“ беа испратени четири последователни известувања.

Утрово жителите на Трипити, Глифа, Пиргаки и Аспро Хори добија наредба да се евакуираат кон Дриос, додека претходно беше издадена и наредба за евакуација на жителите на Агкаирија кон плажата Алики.

Во текот на вчерашниот ден беа евакуирани и населените места Агиос Хараламбос, Кампи, Бугадос, Анераца и Камари.

Во гаснењето на пожарот учествуваат 66 пожарникари, четири специјализирани единици за шумски пожари од областа Атика и 16 противпожарни возила. Од утрово во акцијата повторно се вклучени и два противпожарни авиони „Канадер“ и пет хеликоптери.

Во интервенцијата помагаат и доброволци, како и локални служби од Парос со цистерни за вода и тешка механизација, додека целата операција ја координира заменик-командантот на грчката противпожарна служба.

Во текот на денот се очекува дополнително засилување на копнените сили, при што од пристаништето Рафина со траект треба да пристигнат уште 20 пожарникари и осум противпожарни возила.

Според грчката карта за проценка на ризик од пожари, Парос денеска е во трет степен на опасност, што претставува високо ниво на ризик, поради што властите остануваат во состојба на зголемена готовност додека пожарот не биде ставен под контрола.

Би можело да ве интересира

За смртта на грчкиот пејач Мазонакис двајца лекари обвинети за убиство со евентуална умисла

А1он

Затвореник избега од болница во Грција

А1он

Силен земјотрес ја погоди Грција

Грција: Загинаа двајцата пилоти на воениот авион што се урна за време на аеромитингот

(ВИДЕО) Се урна грчки воен авион, засега нема информации за евентуални жртви

Србинка падна додека возеше џет-ски во Грција и загуби свест

А1он