Министерот за здравство Сашо Клековски ја посети Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок по најавите во медиумите дека водата за пиење во болницата не е во исправна состојба. Зборувајќи за моменталната здравствена состојба на граѓаните од Гостивар тој истакна дека се забележува намалување на бројот на лица што се јавуваат за лекарска помош.
-Денеска имаме состојба од 80 новопријавени пациенти што е двојно намалување од претходните бројки и дефинитивно сме во надолен тренд. Вкупната бројка на заболени е околу 4.000. Досега сима 750 пријави за заразни болести, а анкетирани се 490, така што можам да кажам дека епидемијата влегува во смирувачка фаза и започнува фазата на целосна епидемиолошка анализа за утврдување на хонологијата на настаните. Во моментот треба да почне да се прави раздвојување на тоа што е заболуваење од епидемија и тоа што е заболени од редовни гастроентерити – изјави Клековски.
Но и покрај намалувањето на бројот за заразени, додаде, според последните анализи водата од градскиот водовод се уште не може да се користи за техничка употреба.
-Управувачкиот комитет работи на прашањето, а вчерашните резултати сè уште беа недоволни на резидуален хлор. За водата да биде безбедна до одреден степен се гледа колку хлор има во водата, а тоа уште го нема постигнато посакуваното ниво. Се прават редовни анализи на водата на повеќе мерни места во моментов, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво ќе биде дадена дозволата за употреба за техничка вода – појасни Клековски.
Што се однесува до водата за пиење во Лешок таа, според Клековски, таква била и во изминативе години, а Специјалната болница во Лешок со вода за пиење години наназад користи диспанзери, односно не ја користи водата од селскиот водовод.
-Состојбата во Лешок е неисправна и тоа не е тајна затоа што таа е таква барем една деценија наназад и тоа можело да се види од редовните наоди кои што стигнувале во Министерството. Населението тоа го знае и се придржува по упатствата што ги добива за постапување. Со иницијатива на Месната заедница е направен зафат за решавање на проблемот. Значи водоводот во Лешок во основа го управува Месната заедница од Лешок, каква што е состојбата и со многу рурални водоводи. Се очекува во текот на неделата да се направат две проби за да се види дека и таа вода од водовод веќе нема да биде техничка, туку ќе биде и за пиење не само за болницата туку за целото населено место – посочи Клековски.
