Судење на 13 полицајци за трагедијата во „Пулс“: Сослушани сведоци, прикажани видео – снимки од внатрешноста на дискотеката за време на пожарот

Од:

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

На денешното рочиште, јавната обвинителка Спасенка Андонова прво продолжи со изведување докази на Обвинителството.

Во судницата беа пуштени видео – снимки, за кои беше кажано дека се од внатрешноста на дискотеката „Пулс“, каде настапувала групата „ДНК“ на 16 март 2025 година. На видеата се гледаше пожар и лица кои најверојатно се упатуваат кон излезот на дискотеката.

Еден од адвокатите реагираше дека на ниту едно видео не се гледал некој од, сега обвинетите, полициски службеници. Според него, меѓу другото, не се гледало ни кој ја активира пиротехниката.

Александар Наунов, татко на една од жртвите од пожарот во дискотеката во Кочани, во изјава за медиуми, им се обрати директно на обвинетите.

– Едно прашање не можеме да го премолчиме. Велите дека сте имале задача да барате опојни дроги. Ако е така, како не го пронајдовте она што, според многу жители, го знае цело Кочани? Дали навистина не видовте, или не сакавте да видите, па молчешкум одминувавте? Влегувате во дискотеката, а не реагирате на пиротехниката. Дали спречувањето на такви опасности е дел од вашите службени обврски? Ако е, тогаш зошто не постапивте? – праша тој во изјавата за медиуми за време на една од паузите.

Тој додаде дека законот не познава изговор „не ми беше смената за тоа“, кога се работи за заштита на човечки животи.

– А потоа ги гледаме телефонските комуникации што Обвинителството ги презентира во судница. Тие ќе бидат предмет на судска оценка, но, отвораат сериозни прашања за односите меѓу дел од обвинетите вработени во МВР и сопственикот на „Пулс“. И затоа денес прашуваме: дали униформата служела за заштита на граѓаните или за удобност на привилегираните? – праша тој.

Праша и дали некои биле таму за да го спроведуваат законот, или за резервирани маси и бесплатни пијалаци.

– За жал, за нашите 63 деца, секое непостапување имаше цена. И таа цена беше нивниот живот. Ние нема да судиме наместо судот. Но, нема ниту да дозволиме зад службени задачи, процедури и изговори, да се сокрие човечката и службената одговорност. Правда не се брани со оправдувања, туку со факти. А фактите денес се изведуваат во судницата. И ние сме тука будно да следиме – порача Наунов.

Потоа во судницата на Кривичниот суд во Скопје се слушаа сведочења на сведоци.

Сведокот Теодор Стаменков во кобната ноќ бил со другари во дискотеката „Пулс“ на настапот на „ДНК“. Тој на прашањето од обвинителката, одговори дека тогаш не бил полнолетен. Никој не му побарал лична карта, ниту го идентификувал, туку само им биле ставени печати и платиле карти.

Околу два часот започнал настапот на музичката група. Од седум лица, другари, петмина биле малолетни, па излегле надвор, откако им било кажано од страна на келнерот дека ќе има полициска контрола.

– На вратата стоеше униформирано полициско лице, кое нѐ запре, излеговме надвор и нѐ запиша како неидентификувани – појасни тој.

По две три – минути излегол непознат човек и кажал дека нешто се запалило. Во близина имало униформирани лица.

Потоа сведочеше дека другар му го прашал дали ќе сака да оди со него внатре, затоа што брат му бил заглавен внатре. Се вратиле да го извлечат братот на неговиот другар и го извлекле надвор.

Тој сведочеше дека имало чад и не се гледало речиси ништо наоколу.

Во барањето на братот на другарот, тој рече дека не му помогнале полициски службеници.

Стаменков идентификуваше еден од обвинетите како тој кој го запишал пред дискотеката.

Студентката Сара Стојановска сведочеше следна. Околу еден часот со седум другарки биле пред дискотеката „Пулс“. Платиле карта, 500 денари, по што влегле внатре.

– Во еден момент, Панчо рече – „излезете, за брзо ќе се вратиме“ – не знаевме што се случува, од кај мене не се гледаше пожарот – сведочеше таа.

Но, потоа некоја од другарките го видела пожарот и им кажала да излегуваат, бидејќи се плашела и претходно од пожари.

– Одзади многу буткаа, не си ги чувствувавме нозете по земја дека се движиме. Се изгубивме со другарките бидејќи настана многу голема гужва – опиша таа.

Се стркалила по скали и паднала, а врз неа и други.

– Врз мене имаше многу луѓе. Имаше мал отвор – ја ставив раката, мислејќи дека некој ќе може да ме види. Кога се разбудив, некој ме тресеше лево – десно и бев мокра цела по лицето – сведочеше таа.

Побарала помош од полицаец, но, тој не сакал да ѝ помогне. „Како да ти помогнам, што да направам?“ – рекол и се тргнал настрана, а потоа ја нашле другарките.

Таа лично не видела полициски службеници како помагаат на лица кои излегуваат во лоша состојба од кочанската дискотека.

Одговарајќи на друго прашање, рече дека обезбедувањето не побарало лични карти, ниту на нејзе, ниту на некоја од нејзините другарки, кога платиле карта и влегле во дискотеката.

Борчо Јованчевски сведочеше следен. Тој во дискотеката отишол со сопругата и друштво околу 1:30 часот. Иако се јавиле да им чуваат маса, немало слободна маса.

– Прскалките беа поставени на бината. Не видов кој ги запали – рече тој.

Не знаел дека станува збор за пожар, помислил дека имало тепачка кога некој почнал да трча.

Почнало нешто да капе – црно, било многу топло, на главата имал изгореници, изгубил свест. Го фатило паника кога повторно се освестил, бидејќи сопругата, која претходно била до него, во тој момент ја немало.

Тој опишуваше како успеал да се спаси. Почнал да им помага и на други, додека ја барал сопругата. Имало луѓе кои си бараат брат, сестра, во толпата.

– На едно девојче, додека се обидував да го спасам, му ја скршив ногата, но, барем остана живо. Внатре беше хаос – додаде тој, опишувајќи како ја барал сопругата.

Потоа опиша како успеал да ја спаси сопругата.

Додека траел хаосот, видел жена полицаец како си стое од страна.

– Не знам дали помагала пред или потоа. Кога ја видов, си стоеше. Да, присутна е тука полицајката која ја видов – одговори тој на прашања од јавната обвинителка, по што ја идентификуваше.

Судењето продолжува на 15 јули.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева – Михаиловска.

Би можело да ве интересира

На судењето за „Пулс“ објавени пораки за најавени рации и истечени лиценци

Горан Наумовски

Судење за „Пулс“: Одбиено барањето за изземање на обвинителката Сарамандова, презентирани докази за работата на Државниот пазарен инспекторат,

ВИДЕО: Марш за ангелите во Кочани: Ќе се бориме до последен момент за вистината за „Пулс“

„Пулс“ почнал да работи без да ги исполнува минималните технички услови, тврди Обвинителството

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со нови материјални докази

Почина Љупчо Грнчиштанов – инспектор обвинет во случајот „Пулс“

А1он