Телото на Анастасија Березовска, осомничена за учество во обидот за убиство на санкционираниот украински милионер Вадим Јермолаев во Монако, вчера било пронајдено во близина на Киев. Според неофицијални информации, таа била убиена со огнено оружје, објави Украинска правда.
Извори од украинските правосудни органи наведуваат дека телото било откриено околу 23 часот по локално време. Истовремено, се наведува дека Березовска престојувала во странство од 22 март минатата година до 1 јули оваа година.
Two Arrested in Ukraine After Interpol Fugitive Anastasiia Berezovska is Gunned Down
The 39-year-old Ukrainian woman accused of a remote-controlled parcel bombing that critically injured a sanctioned tycoon and his family in Monaco has been found shot dead near Kyiv. #EuroPost pic.twitter.com/QC8F1m5vlA
— EuroPost Agency (@EuroPostAgency) July 7, 2026
Во врска со случајот се уапсени две лица – активен припадник на украинската Воена разузнавачка служба и поранешен полициски службеник, потврдил полициски извор за Украинска правда.
Нападот се случи на 29 јуни околу 21 часот во Монако, кога експлозија повреди три лица, од кои две тешко. Според медиумските извештаи, меѓу повредените биле Јермолаев, неговата партнерка и нивниот син.
Властите во Монако ја отфрлија можноста за терористички мотив и отворија истрага за обид за убиство и поставување експлозивна направа на јавно место. Според медиумите, истражителите ја проверуваат и можната поврзаност на нападот со украинската Служба за безбедност (СБУ).
Според истрагата, Березовска неколку дена ја следела резиденцијата на Јермолаев и ги снимала навиките на семејството. Експлозијата се случила токму во моментот кога трите жртви влегувале во зградата.
Заменикот на државниот обвинител Морган Рејмонд изјави дека осомничената, која била снимена од безбедносните камери со темна рибарска шапка, избегала пеш, а потоа најверојатно со изнајмен автомобил заминала преку Италија во Германија.
На фотографијата објавена од Интерпол, Березовска е прикажана како жена со темна коса до рамениците, а во потерницата е наведено дека на десната рака има тетоважа која најверојатно претставува змија.
Во меѓувреме, германската полиција соопшти дека специјални единици извршиле претрес во изнајмен стан што го користела 39-годишната Украинка во покраината Хесен, но не ја пронашле. Претресено и запленето било и возилото што го користела, а обезбедените докази ќе им бидат предадени на властите во Монако.
Кнезот Алберт II од Монако го нарече нападот „грозоморно злосторство“. Сите три жртви, меѓу кои и 13-годишно дете, биле хоспитализирани. Двете возрасни лица се здобиле со тешки повреди и биле префрлени во Универзитетската болница во Ница, додека детето, со полесни повреди, е во стабилна состојба.
Според агенцијата АФП, Јермолаев повеќе не е животно загрозен, но состојбата на неговата партнерка и натаму е сериозна.
Иако властите во Монако сè уште официјално не го потврдија идентитетот на жртвите, локалните медиуми наведуваат дека цел на нападот биле Вадим Јермолаев, неговата партнерка и нивниот син.
Јермолаев (58) е богат бизнисмен кој се занимава со недвижности и живее во Монако. Тој е државјанин на Кипар, откако во 2019 година се откажал од украинското државјанство. Поседува значајни бизнис-интереси во производството и продажбата на вина и алкохолни пијалаци на Крим, кој Русија нелегално го анектираше, поради што украинските власти во 2023 година му воведоа санкции. Според Forbes, во 2020 година бил рангиран на 39. место меѓу најбогатите Украинци, со проценето богатство од околу 230 милиони долари.
