ВИДЕО: Голем пожар кај Солун, евакуирани населби, уапсен подметнувачот

Од:

Маж е уапсен под сомнение дека го предизвикал шумскиот пожар што избувна во близина на Солун.

Пожарот кој брзо се прошири избувна во саботата вечерта во близина на предградието Ореокастро, соопшти Грчката противпожарна служба, по што жителите на три помали населби северно од Солун добиле наредба за евакуација.

Огнот избувнал околу 20:30 часот во клисура во планински предел и брзо се проширил. Потоа се префрлил кон рамничарскиот дел, при што главно горела ниска вегетација. Иако нема оштетени станбени објекти, во пожарот изгореле неколку фабрики и деловни објекти.

Жителите на населбите Антуполи, Филотеј и Галини добиле СМС-пораки за итна евакуација.

Евакуирана била и установа во која биле сместени 157 лица со посебни потреби. Околу 120 лица кои можеле самостојно да се движат биле префрлени во спортска сала, додека останатите биле сместени во психијатриска болница, соопштија локалните власти.

Околу полноќ, противпожарната служба соопшти дека е уапсен 76-годишен маж, осомничен дека го предизвикал пожарот. Според службата, тој „не бил во трезна состојба“.

Подоцна било утврдено дека пожарот настанал кога мажот со својот автомобил создал искри кои ја запалиле сувата вегетација. Тестовите на крвта потврдиле дека бил под дејство на алкохол.

Жителите на Солун ги гледале пламените јазици од градот, а се слушале и експлозии предизвикани од запаливи материјали во деловните објекти. Густ чад покрил повеќе предградија и западните делови на градот.

Во гаснењето на пожарот учествувале околу 115 пожарникари со 38 противпожарни возила, како и непознат број доброволци. Авионите за гаснење накратко интервенирале, но не можат да летаат во ноќни услови.

Пожарникарите стравуваат дека огнот би можел да се прошири кон погусто населените предградија, како Неа Евкарпија, па дури и кон самиот Солун. Силниот ветер дополнително го отежнува ставањето на пожарот под контрола.

Грција, која има долги, жешки, суви и често ветровити лета, редовно се соочува со шумски пожари. Сепак, земјата успеа да го помине јуни без поголеми штети. Првиот голем пожар ова лето избувна во средата во централниот дел на Грција, при што загинаа татко и неговиот 12-годишен син, а беа спроведени и евакуации. За разлика од поголемиот дел од Европа, Грција засега беше поштедена од екстремните горештини.

Во саботата гореа и неколку други пожари во околината на Солун, меѓу кои и на полуостровот Халкидики, популарна туристичка дестинација, како и во областа околу градот Килкис, северно од Солун.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Огнот го нападна Тасос од четири фронта, пожарникарите се бореа цела ноќ

Голем пожар во Ситонија – туристите во Вурвуру се евакуираат

А1он