Ненад Алајбеговиќ (45), попознат како Алибег беше уапсен во полициска акција во Нови Сад. Toj има богато полициско досие, со години е присутен во рубриките за црна хроника во Србија, а во моментот на апсењето се криел под лажен идентитет.
Лисиците му беа ставени додека купуваше цигари во продавница.
За време на апсењето, Алајбеговиќ беше подготвен да пружи отпор, но оперативците го опколија и го уапсија пред да успее да посегне по оружјето, велат од полицијата.
Кај него е пронајден вистински арсенал: наполнет пиштол од марката „ЦЗ“ (CZ), калибар 7,65 мм, со куршум во цевката, 17 куршуми за пиштол и еден куршум за пушка, додека на себе носел панцирен елек. Инспекторите пронашле и дигитална вага со траги од амфетамини, како и лажна возачка дозвола на име Ковач.
Алибег е познат во јавноста како човек кој најмалку 10 пати ја избегна смртта. Во март минатата година, тој беше пуштен од затворот во Сремска Митровица, каде што издржуваше казна од седум години и четири месеци за недозволено поседување оружје и експлозивни направи.
Само четири месеци подоцна, на 8 јули, тој повторно беше цел на платени убијци. Напаѓачот испука рафал од возило во движење кон неговиот автомобил во Блок 33 во Нов Белград, но Алибег, кој седеше на возачкото седиште, по чудо остана целосно неповреден.
Претходно, во јуни 2020 година, тој беше тешко ранет во ногата и градите, а во претходни интервјуа истакнуваше дека не ги брои обидите за атентат и дека „не знае колку уште среќа ќе го следи“.
Неодамна беше издадена потерница по Алибег, а тој се бараше првенствено поради сомнение за поседување и носење огнено оружје без дозвола, што беше откриено по крвавата пресметка во познатиот ресторан во главниот град – „Дурмитор“.
Во тоа пукање беше тешко ранет неговиот пријател Немања К., со кого Алибег седеше таа вечер.
Криминалниот пат на Ненад Алајбеговиќ започна многу рано, а според полициските податоци, тој првпат беше приведен кога имаше само 12 години, односно пред воопшто да подлежи на кривична одговорност.
Навивачката група „Забранети“, која тој ја предводеше, со години е во жесток судир со ривалската фракција „Алкатраз“, а суровата навивачка одмазда не го одмина ниту неговото семејство – неговиот брат Дејан, исто така еден од водачите на навивачите на црно-белите, беше убиен пред 15 години.
По последното во низата апсења, на Алибег му беше одреден полициски притвор во траење до 48 часа и тој ќе биде изведен пред Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на сослушување, заедно со кривична пријава што го товари за недозволено носење оружје и фалсификување документи.
