Комисијаta за политички систем и односи меѓу заедниците денеска во македонското Собрание ја почна амандманска расправа за Предлог законот за соодветна и правична застапеност.
На првиот ден од амандманската расправа, беа разгледани два од вкупно поднесени 30 амнадмани кои се разгледуваат пред матичната собраниска комисија за законот кој е во второ читање.
-Сите амандмани од опозицијата не се амандмани за да се најде решение или нешто подобро, туку тоа се амандмани за да може потоа законот да се блокира. Јавноста треба да биде информирана и тоа треба да го знае. Сакам да кажам дека за прв пат во Република Северна Македонија се ставаат основи на закон за правична и соодветна застапеност и опозицијата треба да го поддржи, а не да го критикува законот со штетни амандмани, особено за Албанците, истакна пратеничката Имрлие Салиу Фетаи.
На амандманската расправа најголемо внимание беше посветено на дефинициите на законот кои, според опозицијата, отстапуваат од Охридскиот рамковен договор, беше посочено дека треба да се зголеми степенот на интеграција, но и да не се води дебата, ниту дуел меѓу власта и опозицијата од албанскиот блок, туку дебата во функција на сите етнички заедници.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ појасни дека предложениот амандман на опозицијата е со цел да обезбеди ефективна еднаквост, ефективно учество и референтна застапеност, а тоа се алатки со кои, како што рече, ќе можеме да разликуваме вистинска еднаквост од статистичка декорација.
-Мора да имаме институции во кои различностите се вклучени како носители на знаење, искуство и одговорност. Правичната застапеност неможе да биде сведена на административна бројка. Таа мора да биде дел од поширока демократска оправданост. Дали сите граѓани навистина може да учествуваат како еднакви во институциите и да ги претставуваат. Предлагачите на законот зборуваат за европски пристап, но избегнуваат да ја именуваат суштинската нееднаквост, рече меѓу другото пратеникот Битиќи.
Во јавната амандманска расправа дел од пратениците посочија дека Законот треба да се донесе, но со политички компромис, а потоа да биде испратен до Венецијанска комисија за оценка.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците дополнително ќе го закаже продолжението на амандманската расправа по Предлог законот за соодветна и правична застапеност во второ читање.
