Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска посхумно со Орден „8 Септември“ ја одликува Наде Проева, историчарка, професорка и авторка за нејзиниот особен придонес во афирмирањето на македонската историографија. Орденот „8 Септември“ го прими нејзината сестра Павлина Проевска.
- Античкиот свет е далечно минато. Неговите градови се урнати, неговите владетели преминаа во историските книги, а до него допираме само преку фрагменти: натписи врежани во камен, монети, археолошки ископувања и остатоци, ретки сведоштва што времето не успеало целосно да ги избрише. Но, токму од тие фрагменти, од тие навидум неми траги на минатото, професорката Наде Проева создаде и создаваше знаење, концепти, теории, одгатнуваше историја, отвораше нови научни хоризонти и поттикнуваше повторно, пошироко и подлабоко да размислуваме за местото на Македонија и Македонците во историјата – истакна претседателката во својот говор на врачувањето на Орденот.
Истражувањето и одгатнувањето на антиката и античка Македонија беа нејзина животна и научна преокупација и мисија, а таа, како што кажа претседателката, не го романтизираше минатото, ниту го претвори во мит, туку го истражуваше и објаснуваше со научна строгост, интелектуална чесност и длабоко чувство на одговорност кон вистината.
– Затоа нејзиниот пат, започнат во Ресен, продолжи на Филозофскиот факултет во Белград и се усоврши на Сорбона во Париз, каде што им се посвети на епиграфиката, нумизматиката и античките религии, притоа одделувајќи ги антиката и историјата на античките Македонци – области што ги проучуваше не само во архивите и библиотеките, туку и на археолошките локалитети – рече Сиљановска-Давкова.
Нејзините трудови за античка Македонија, Римската провинција Македонија претставуваат вреден научен прилог и остануваат важна појдовна точка за идните истражувања. Нејзиниот научен труд не се гледа и препознава само во книгите и студиите што ги напиша, туку и во грижата за научното наследство што го остави зад себе, меѓу другото и преку уредувањето на веќе споменатите едиции Historia Antiqua Macedonica и Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica. Токму затоа, нагласи претседателката, Наде Проева беше почитувана и кога со неа се согласуваа, но и кога со неа не се согласуваа. Нејзиниот авторитет не произлегуваше од титулите што заслужено ги носеше, туку од подготвеноста и решеноста секоја теза да ја поткрепи со докази и знаење и секој став да го изложи на критичка проверка.
– Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот. Нејзините колумни имаа просветителски карактер и учев од нив – рече Сиљановска-Давкова.
Проева, додаде таа, како строга, чесна и совесна професорка, образуваше генерации историчари, но уште поважно, образуваше генерации млади луѓе да размислуваат критички, да ги проверуваат фактите и да не се задоволуваат со лесни и конечни одговори. Таа остави и дела што остануваат траен дел на историската наука и настава, меѓу коишто е и Историја на Аргеадите – првиот, како што веќе чувме, универзитетски учебник посветен на античките Македонци.
– Нејзините студенти од неа не учеа само историја на стариот век или историја на античка Македонија, туку важна лекција дека сериозното знаење започнува таму каде што завршува самоувереноста и се раѓа сомнежот – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката истакна дека денес, кога постхумно ѝ го доделуваме Орденот „8 Септември“, ѝ оддаваме признание на една од најзначајните личности на македонската историографија, научничка која ја афирмираше Македонија во меѓународните академски кругови, претставувајќи ја во најдобрата светлина македонската историска наука на научни собири и конференции во истражувачките центри ширум Европа и светот. За врвните научни достигнувања го доби францускиот Орден Витез на академските палми.
– Наде остави длабоки, уникатни, неповторливи траги во високото образование, како интелектуалка која знаењето не го чуваше себично во себе и за себе, туку го стави во служба на општото добро, на науката и на студентите. Ѝ оддаваме признание на една жена која му го посвети животот на демистификацијата и разбирањето на минатото, уверена дека без него не можеме целосно да ја разбереме ниту сегашноста, ниту самите себе – рече Сиљановска-Давкова.
Сестрата на Проева која го прими орденот „8 Септември“ рече дека со длабока почит и благодарност, семејството на Проева се заблагодарува за ова признание и верува оти и таа ќе беше среќна.
– Да беше денес Наде со нас, ќе речеше: „Не, ова признание не е само за мене, ова е за сите историчари и археолози и професионалци од мојата фела кои што работат на чување на нашето македонско наследство, на нашите македонски вистини, историски вистини“ – рече таа.
Семејството на Проева започнале неколку иницијативи преку кои сакаат да го зачуваат споменот за неа и да го продолжат нејзиното дело. – Пред сè, нејзините книги се веќе преведени на англиски јазик, ќе бидат на сите можни дигитални платформи низ целиот свет, така што Наде и понатаму ќе ја промовира македонската вистина надвор од Македонија. Како втор проект, имаме летен камп кој што од идниот понеделник ќе започне со работа во Претор, каде што ќе имаме 12 средношколци кои ќе ги запознаат вредностите на историската професија. Сакаме да ги анимираме да се запишат да студираат историја. Нели, таа инспирација нивна за тој предмет, Наде велеше: „Инспирацијата е првиот чекор до успехот„, рече таа.
Третиот проект, како што кажа таа, е спомен собата во Ресен која исто така се надеваат дека ќе биде простор за инспирација на млади луѓе. Четвртиот, најобемениот проект, е Центар за историски студии „Наде Проева“, кој што е во тек на регистрирање и формирање.
– Имаме фантастичен управен одбор, имаме група на фантастични студенти, сите поддржани од Фондот на Наде Проева за докторски студии, и евентуално преку таа платформа, преку тој центар ќе продолжат нејзините активности — конференции, симпозиуми, посети на странски историчари, ќе имаме исто така издавачки активности. Така што, мислам дека со сето тоа ќе го продолжиме споменот и делото на Наде. Ќе биде присутно за новите генерации – рече Павлина Проева.
Професор д-р Наде Проева беше македонски историчар класицист и редовен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ при Филозофскиот факултет, Катедрата за историја во Скопје од 1984 година до нејзиното редовно пензионирање во 2015 година.
Родена е во Ресен на 9 септември 1949 година, каде завршува основно и средно образование, а високото образование го продолжила на Универзитетот во Белград, каде дипломирала античка археологија во 1973 година на тема: „Четири необјавени доцноантички некрополи од околината на Прилеп“. Истата година, од декември 1973 до март 1975 година, работи како кустос во Народниот музеј во Прилеп.
Во јуни 1978 година на Филозофскиот факултет во Белград го брани магистерскиот труд: „Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел на римската провинција Македонија“. Од 1979 до 1981 била на специјализација на Универзитетот Сорбона во Париз, каде се здобила со диплома за продлабочени студии од областите епиграфика, нумизматика и религија.
Во декември 1982 година на Филозофскиот факултет во Белград ја брани докторската теза: „Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“. Од 1 март 1984 година е избрана за предавач на Филозофскиот факултет во Скопје за предметот Историја на стариот век, а од 1993 за доцент по предметот Историја на античките Македонци.
Повеќе пати била на студиски престој во странство: во Вроцлав и Гдањск – Полска, Француска археолошка школа во Атина – Грција, Францускиот институт во Истанбул – Турција, Австриска академија на науките во Виена – Австрија, на универзитетите во Нанси и во Париз Нантер во Франција и други.
Настапувала на меѓународни научни собири во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија и Полска, а држела предавања во Хрватска, Словенија, Франција и Холандија.
Наде Проева беше уредник на две едиции: „Библиотека Miscellanea Byzantino-Macedonica“ и „Historia Antiqua Macedonica“, за кои напишала предговори, забелешки, индекси и изработила карти. Во едицијата „Historia Antiqua Macedonica“ таа објавува преводи на книги за историјата на античките Македонци, а книгата „Историја на Аргеадите“ од 2004 година е прв учебник за античките Македонци за студентите на Филозофскиот факултет при Катедрата за историја.
Проф. Проева учествувала во археолошки ископувања на антички и средновековни локалитети во Македонија, Србија, Полска и Грција, во проекти на Археолошкиот институт во Белград, на Македонската академија за науки и уметност, на Српската академија за науки и уметност и на Берлинско-бранденбуршката академија на науките.
Како визитинг професор има одржано предавања на универзитети во Франција, Хрватска, Словенија и Холандија. Активен работник за популаризација на историската наука со учество во бројни телевизиски и радио емисии, написи, прикази на книги и интервјуа во дневниот печат.
Добитник е на Орден од витез на академските палми од Владата на Република Франција во 1997 година.
Професор д-р Наде Проева почина во Скопје на 6 ноември 2024 година.
