„Христијан Мицкоски им порача на граѓаните да се „подготвуваат за маратон“. Со други зборови, јасно им кажа дека треба да се подготват долго време да живеат сиромашни. Оваа порака доаѓа во момент кога економската реалност е многу потешка од политичкиот маркетинг на Владата. До јуни е потрошен скоро целиот планиран буџетски дефицит за целата 2026 година. Од 670 милиони евра предвиден дефицит. Ребалансот е неизбежен и ќе биде многу тежок“ соопштија утринава од СДСМ.
Од партијата велат „Буџетот беше донесен со нереални и надуени стапки на раст, кои служеа исклучиво како маркетиншки инструмент. Капиталните инвестиции покажуваат висока реализација на хартија, но во реалноста се работи за плаќање на заостанати фактури од минатата година, а не за нови проекти. Македонскиот економски модел и понатаму се базира на лична потрошувачка, а не на извоз и продуктивни инвестиции“.
„Во услови на увозна зависност, оваа потрошувачка директно ја зголемува инфлацијата и ја прави економијата ранлива. Дополнително, одложувањето на европските интеграции ја чини државата милијарди евра во изгубени грантови и поддршка, особено во време на кризи. Наместо да се фокусира на реформи и ЕУ патот, Владата продолжува со популистички пораки, најавува предвремени избори (затоа што нема парии), одложување на суштинските промени“ е ставот на СДСМ.
Опозиционерите сметаат дека „кога премиерот вели „подгответе се за маратон“, тоа не е повик за издржливост. Тоа е отворена најава дека граѓаните треба да се навикнат на долготрајна сиромаштија, додека политичките елити продолжуваат со иста политика на долгови, маркетинг и одложување на реформите“.
