Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија, Вториот протокол остана дел од текстот

Од:

Eвропскиот парламент на денешната пленарна седница во Стразбур го усвои Извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година, со кој се оценува состојбата во повеќе области поврзани со евроинтегративниот процес на земјата.

Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа против. Една од најдискутираните точки во пресрет на гласањето беше упатувањето на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој на крајот остана составен дел од извештајот.

Европратениците не го поддржаа амандманот предложен од известувачот Томас Вајц за бришење на ставот 73. За задржување на постојниот текст гласаа 338 пратеници, додека 126 беа за негово отстранување.

Во спорниот став се нагласува потребата Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне конкретни резултати, врз основа на историски извори и документи, во согласност со обврските преземени со Вториот протокол. Во текстот се споменува и концептот на заедничка историја.

Извештајот повторно ја потенцира важноста на спроведувањето на уставните измени како предуслов за продолжување на пристапниот процес. Европскиот парламент го потврдува ставот дека следната меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската Унија ќе може да се одржи по исполнувањето на преземените обврски.

Во документот се осврнува и на заштитата на културното и историското наследство, при што се осудуваат обидите за уништување или менување на историски споменици и артефакти. Воедно се повикува на поголема транспарентност и отворање на архивските материјали на поранешните југословенски безбедносни служби.

Покрај забелешките за ограничен напредок во одредени сфери, извештајот ја истакнува стратешката важност на Коридорот 8, изградбата на железничкото поврзување со Бугарија и потребата од доследно почитување на европските стандарди и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Пред гласањето, премиерот Христијан Мицкоски ги повика европратениците да ги поддржат измените со кои билатералните прашања не би биле дел од европскиот пристапен процес, нагласувајќи дека Македонија заслужува фер и принципиозен третман на патот кон членство во Европската Унија.

Би можело да ве интересира

Сали: Европскиот парламент испрати јасна порака дека Македонија има европска иднина

Предложен притвор за предизвикување општа опасност со намерно опожарување на возилата на бугарската амбасада во Скопје

Предраг Петровиќ

До 18 часот евидентирани 14 пожари на отворено од кои активни се пет

ЦУК: Повторно се активира пожарот во близина на КПУ Велес – Превалец

Сиљановска-Давкова: Западен Балкан е понапред од Украина и Молдавија

Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, адвокатка и поранешна министерка за правда, одликувана со орден „Витез од редот на Ѕвездата на Италија“

Предраг Петровиќ