Најмалку 17 земјоделци беа убиени, а 13 ранети во напад од вооружена банда во северозападна Нигерија, соопштија денес локалните власти и жителите.
Нападот се случи во петокот во градот Горон Намаџе во областа Марадун во државата Замфара во северозападна Нигерија, објавува АП, забележувајќи дека ниту една група не ја презеде одговорноста за најновиот од серијата напади од вооружени банди.
„Земјоделците работеа на своите полиња кога бандитите одеднаш ги нападнаа и убија 17 земјоделци“, рече Шеху Муса, жител на Марадун.
Тој додаде дека ранетите се лекуваат во блиската болница.
„Овој напад е резултат на одбивањето на владата на државата Замфара да преговара со вооружените лица“, рече Сануси Досара, претседател на локалната самоуправа Марадун.
Досара апелираше до владините сили да го растурат кампот Бајан-Рува во шумата Марадун каде што се кријат напаѓачите.
Во четврток, 39 лица беа киднапирани во Магамин Диди, населба во Марадун, додека мештаните разговараа со родителите на осомничен водач на бандити во обид да преговараат за мир и да го решат проблемот со честите киднапирања.
