Претседателот на СНСД, Милорад Додик, изјави дека Босна и Херцеговина (БиХ) е пропадната земја во која Србите не сакаат да живеат, но, според него, сакаат да ја развиваат Република Српска и да ја водат на свој начин.
„Америка не треба да троши ресурси за амбасадата на САД во Сараево, бидејќи Босна и Херцеговина е пропадната земја“, рече Додик во подкастот на американската новинарка Лара Логан.
Додик изјави дека српскиот народ во Босна и Херцеговина не сака да биде под репресија и дека не му е јасно зошто политичко Сараево толку многу го нагласува останувањето на Србите во Босна и Херцеговина.
„Бевме тука пред доаѓањето на исламот, поприродно е што имаме претензии кон оваа земја. Немаме проблем со нивното присуство, имаме своја Република Српска и сакаме да ја водиме на свој начин“, рече Додик.
Според неговите тврдења, „луѓето кои биле премногу млади за да учествуваат во војната во БиХ во 1990-тите не сакаат да бидат угнетувани од властите во Сараево“.
„Не сакам да владеам со муслиманите, но не сакам ниту тие да владеат тука“, нагласи Додик.
