(ВИДЕО) Мециновиќ: Огромна потрошувачка на струја, а мала корист за граѓаните

Од:

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, побара од Собранието да ги тргне од дневен ред предложените измени на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, кои се поврзуваат со изградбата на големи дата-центри во државата. Според него, јавноста не располага со доволно информации за проектите, нивните инвеститори, енергетските потреби и економските ефекти, поради што не смее да се носат законски решенија без широка јавна дебата.

Образложувајќи го барањето, Мециновиќ оцени дека државата повторно ризикува своите ресурси да ги стави во функција на странски компании, додека придобивките за граѓаните остануваат неизвесни.

„Пред да се одобрат големите центри за податоци во странска сопственост, Македонија треба да ги објави сите проектирани потреби за електрична енергија, потреби за вода, даночни аранжмани и влијанието врз вработувањето, како и структурата на сопственост и инфраструктурните барања“, рече Мециновиќ.

Тој посочи дека најголем проблем претставува недостатокот на транспарентност околу целиот процес, нагласувајќи дека сè уште нема јасни информации за големината на дата-центрите, инвеститорите, локациите и можните даночни поволности.

„Не постои конечен текст, а преговорите се водат со приватни инвеститори. Сосема е разумно јавноста да праша кои се инвеститорите, каде ќе бидат лоцирани центрите и какви обврски ќе преземе Македонија“, истакна пратеникот.

Според Левица, дата-центрите можат да станат големи потрошувачи на електрична енергија без значителна општествена корист.

„Не знаеме колку мегавати ќе трошат овие центри, колкав дополнителен увоз на струја ќе биде потребен и кој ќе ја плати новата инфраструктура, далекуводи и трафостаници, што државата ќе треба да ја изгради“, предупреди Мециновиќ.

Тој оцени дека енергетските ресурси треба да бидат насочени кон потребите на домаќинствата, јавните услуги и домашното производство, наместо кон профитот на мултинационални компании.

„Овде има многу капитал, но малку работни места. Во градежната фаза ќе има привремени вработувања, но по пуштањето во работа бројот на вработени останува релативно мал“, рече тој.

Мециновиќ додаде дека доколку државата обезбедува земјиште и инфраструктура под поволни услови, граѓаните имаат право да очекуваат значителен економски бенефит.

„Ова е приватизација на добивката и социјализација на трошоците. Македонија ќе ја развива инфраструктурата, а некој друг ќе го извлекува профитот“, нагласи пратеникот.

Левица смета дека пред донесување на вакви законски измени мора да се отвори широка јавна расправа за ефектите врз енергетскиот систем, економијата и развојните приоритети на државата.

„Прашањето е дали овие мегавати треба да се канализираат во дата-центри или во производствени капацитети, прехранбената индустрија, медицинскиот сектор и јавната инфраструктура. Затоа бараме овие точки да бидат повлечени од дневниот ред и јавноста целосно да се вклучи во дебатата“, порача Мециновиќ.

Би можело да ве интересира

Мециновиќ: СДСМ покажа дека нема намера да се бори против власта и кохабитира со ДПМНЕ – Левица разговара со сите опозициски чинители

Предраг Петровиќ

Левица ќе присуствува на трибината на Платформата „12:05“ – со своја позиција во разговорот за следната политичка фаза

Предраг Петровиќ

Крмов: Најавуваме радикализација доколку не се исправи неправдата – почнуваме со иницијатива за укинување на платеното политичко рекламирање

Катерина Ѓуровски

Левица: Уставниот суд ја аминува политичката цензура – не поведе постапка за еклатантната дискриминација врз нашата партија

Левица: Пред Орце да зборува за туѓи семејства, нека се потсети дека неговото презиме има дебела и мрачна политичка историја

А1он

(ВИДЕО) „Боледувањето не е куќен притвор“ – Левица со предлог-закон за заштита на работничките права