ИНТЕРВЈУ со металургот Горан Начевски: Македонија многу губи од статус-квото во рударството, расправата за инвестициите не треба да е политичка или емоционална

Од:

Во светот сѐ почесто се зборува за „геополитика на минералите“, а Македонија сѐ уште не е активен играч во глобалната трка – оценува универзитетскиот професор од Технолошко-металуршкиот факултет, Горан Начевски. Во интервју за А1он, професорот Начевски нагласува дека Македонија има потенцијал да биде регионален снабдувач на одредени суровини, потенцирајќи го бакарот. Според него, минералните суровини не се само економско прашање, туку и прашање на национална безбедност, енергетска стабилност и технолошки развој. Во однос на критиките кон новите инвестиции, тој вели дека дебатата мора да се одвива врз основа на научни факти, а дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Начевски воедно е и претседател на новоформираното Здружение на металурзи и прашан конкретно за инвестицијата во Иловица тој одговори дека таа претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении.

Светот влезе во трка за минерали и се одвива премолчна трговска војна, додека силите се стремат за независност и стратешка автономија, обезбедувајќи ги за своите потреби критичните метали. Дали оваа тема помогна во Македонија да се препознае значењето на металите за одбранбената индустрија, за економијата и за зелената агенда? Каде сме ние во светската трка?

Би сакал да напоменам дека Металурзите се меѓу клучните стручњаци во современиот синџир на искористување на минералните суровини, бидејќи нивното знаење не се ограничува само на производството на метали, туку опфаќа и заштита на животната средина во сите фази на процесот – од подготовката и концентрацијата на рудата, па сè до добивањето на финалниот метал. Современата металургија одамна не претставува индустрија која е насочена исклучиво кон максимизирање на производството. Денес таа е базирана на концептот на одржлив развој, циркуларна економија и примена на најдобро достапни техники (Best Available Techniques – BAT), кои се дефинирани во европското законодавство и претставуваат задолжителен стандард за модерните рударски и металуршки капацитети. Металурзите ги проектираат и оптимизираат технолошките процеси така што максимално се искористуваат корисните компоненти од рудата, а истовремено се минимизира создавањето на отпад, емисиите во воздухот и потенцијалното загадување на водите и почвата. Во процесите на дробење, мелење и флотациска концентрација на рудите се применуваат затворени системи за циркулација на технолошките води, со што значително се намалува потрошувачката на свежа вода и се спречува нејзиното неконтролирано испуштање во животната средина. Современите постројки користат високоефикасни филтри, циклони, електростатски сепаратори и други системи за контрола на прашината и гасните емисии, додека јаловиштата и депониите за отпад се проектираат според строги инженерски и еколошки стандарди. Посебно внимание се посветува на стабилноста на браните, управувањето со отпадот и спречувањето на евентуална контаминација на подземните и површинските води. Металуршката наука денес располага со бројни технологии за третман на отпадните води, неутрализација на потенцијално опасни компоненти, рециклирање на процесните материјали и повторно искористување на секундарните суровини. Токму поради тоа, улогата на металурзите е од суштинско значење за воспоставување баланс помеѓу економското искористување на минералните ресурси и заштитата на животната средина. Во современи услови, рударството и металургијата не треба да се гледаат како спротивност на екологијата. Напротив, со примена на најдобро достапните техники, современите инженерски решенија и строг мониторинг, можно е минералните ресурси да се експлоатираат и преработуваат на начин кој обезбедува високо ниво на заштита на животната средина и одржлив развој за идните генерации.

За поставеното прашање можам да кажам дека последните неколку години јасно покажаа дека минералните суровини не се само економско прашање, туку и прашање на национална безбедност, енергетска стабилност и технолошки развој. Бакарот, литиумот, никелот, кобалтот, благородните метали (злато, сребро, платина), ретките земни елементи и други критични минерали се основа за производството на батерии, електрични возила, обновливи извори на енергија, дигитални технологии и современа одбранбена индустрија. Денес сè поочигледно е дека контролата врз минералните ресурси претставува еден од клучните геополитички фактори во светот. Војната во Украина, тензиите на Блискиот Исток, како и долгогодишните геополитички притисоци поврзани со ресурсите во Венецуела покажуваат дека минералните и енергетските суровини се значаен елемент во современите меѓудржавни конфликти. Иако причините за овие конфликти се комплексни и не можат да се сведат само на минералните ресурси, неспорно е дека пристапот до критични суровини, енергенси и стратешки материјали има големо влијание врз надворешната политика, безбедносните стратегии и економските интереси на големите сили. Затоа денес сè почесто се зборува за „геополитика на минералите“, каде државите настојуваат да обезбедат сигурни извори на снабдување со бакар, литиум, никел, благородни метали, ретки земни елементи и други критични минерали неопходни за индустријата, одбраната и зелената транзиција.

Македонија сè уште не е активен играч во глобалната трка за критични минерали, но поседува значајни геолошки потенцијали кои можат да ја позиционираат како регионално важен снабдувач на одредени метални суровини. За жал, кај нас сè уште металургијата и рударството не се третираат како стратешки сектори во функција на економскиот развој, енергетската транзиција и интеграцијата во европските синџири на снабдување. Дополнително, иднината на металургијата и рударството кај нас зависи од способноста да се интегрираат еколошките стандарди со еколошко прифаливи и дигитални технологии, како би можеме да обезбедиме конкурентност и да ја позиционираме Македонија како доверлив партнер во европските и глобалните синџири на снабдување со потребните критични метали.

Кои се металите со кои земјава може да се пофали, но и колку постои интерес да се искористуваат како ресурси?

Македонија има долга рударска традиција и располага со значајни резерви на бакар, олово, цинк, никел, железо, како и на благородните метали злато и сребро. Особено внимание во последната деценија привлекуваат бакарните лежишта, бидејќи бакарот е еден од клучните метали за енергетската транзиција и електрификацијата. Покрај бакарот, никелот, оловото и цинкот, Македонија располага и со значајни ресурси на злато и сребро. Овие метали традиционално се ценети поради нивната економска и индустриска вредност – златото како стратешка резервa и финансиски ресурс, а среброто како клучен материјал во електрониката, соларната енергија и медицината. Интересот од странски инвеститори постои и е континуиран, што се потврдува преку бројните геолошки истражувања и концесии доделени во изминатите години, но јавноста често е поделена поради еколошките ризици и потребата од строги стандарди за заштита на животната средина. Ако државата постави јасна рамка за одржливо рударство и управување со овие ресурси, експлоатацијата и производството на горенаведените метали, со јасна државна политика и поддршка, Македонија може да стане регионален снабдувач на одредени суровини и да ја засили својата улога во европските синџири на снабдување.

Инвестициите во рударството сепак се на многу ниско ниво и уделот на оваа гранка во индустриското производство продолжува да паѓа. Делумно ова се случува и поради големиот дел на обвинувања од страна на активистите на сметка на рудниците. Колку нивните тези се издржани и аргументирани? Гарантира ли законодавството рударење по најсовремени стандарди?

Точно е дека инвестициите во рударството кај нас се на ниско ниво и уделот на оваа гранка во индустриското производство опаѓа. Секоја инвестиција во рударството мора да биде предмет на критичка анализа и јавна дебата, бидејќи станува збор за дејност која има влијание врз животната средина и локалните заедници, само доколку не се применуваат современи стандарди и еколошко прифатливи технологии на преработка. Но, исто така е важно дебатата да се темели на научни факти, стручни анализи и реални процени на ризиците. Денес рударството во Европската Унија и во земјите кои ги усогласуваат своите прописи со европските стандарди функционира под значително построги еколошки барања отколку во минатото. Законодавството во Македонија предвидува процедури за оцена на влијанието врз животната средина, мониторинг, ревизии, инспекциски надзор и обврски за рекултивација по завршувањето на експлоатацијата. Прашањето е колку доследно и строго се спроведуваат овие прописи во практика. Ако институциите обезбедат целосна примена на законите и контрола врз компаниите, рударството може да се развива по европски стандарди и да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина. Тоа не значи дека ризици не постојат, туку дека тие мора да бидат управувани преку современи технологии, контрола и транспарентност. Затоа е важно секој проект да се оценува индивидуално, а не однапред да се прифаќа или отфрла врз основа на генерализирани ставови.

Последно, во застој е сериозна инвестиција за ископ на бакар во Иловица. Какво е нејзиното значење за граѓаните и државата и оправдан ли е стравот кој се шири од дел од јавноста?

Проектот Иловица претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении. Неговото значење се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини. Од друга страна, разбирливо е што дел од јавноста изразува загриженост за можните влијанија врз животната средина, земјоделството и водните ресурси. Тие стравувања не треба да се игнорираат, но треба да се разгледуваат врз основа на стручни студии, техничка документација и независни експертски анализи. Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина. Клучното прашање не е дали постои страв за еколошка катастрофа, туку дали ризиците можат да бидат контролирани и управувани согласно највисоките современи стандарди. Токму тоа треба да биде предмет на професионална и транспарентна процена.

Дали Македонија добива, односно колку губи од ова статус-кво во рударството? Ќе се вклучи ли почесто и експертската јавност во дебатата за рударството која засега низ медиумите и социјалните мрежи ја водат претежно лица кои воопшто не се од фелата?

Статус-кво состојбата во рударството значи дека Македонија губи повеќе отколку што добива – губиме потенцијални инвестиции, нови работни места и можност да се позиционираме како регионален снабдувач на критични минерали. Во исто време, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува нашата економска и стратешка тежина. Секое подолготрајно статус-кво носи одредена цена. Во услови кога глобалната побарувачка за критични минерали расте, државите кои не ги развиваат своите ресурси ризикуваат да пропуштат инвестиции, нови работни места, технолошки развој и дополнителни буџетски приходи. Истовремено, развојот не смее да биде по секоја цена. Потребен е баланс помеѓу економските придобивки и заштитата на животната средина. Токму затоа улогата на експертската јавност е исклучително важна. Засега, дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Во иднина очекувам поголемо присуство на универзитетските професори, металурзите, инженерите по рударство, геолозите, еколозите и другите стручни лица во јавната дебата. Прашањата поврзани со минералните ресурси се премногу значајни за да бидат сведени само на политички или емоционални расправи. Најдобрите решенија се носат кога одлуките се темелат на наука, факти и професионална експертиза. Само со стручна и транспарентна дебата може да се донесат одлуки што ќе бидат и економски рационални и еколошки одговорни.

Би можело да ве интересира

МФ: Одземена дозвола за работа на финансиско друштво, продолжуваат засилените контроли

Кинеска компанија носи роботи во Србија: Се најавуваат нови технологии и инвестиции

Firestarter 2026: Корисничкото искуство повеќе не е функција – тоа е бизнис стратегија

Со такси лани се возеле 18 449 000 патници

Димитриеска-Кочоска: Геополитичката нестабилност носи нови економски предизвици, приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните

Хајделберг факултет: Дуалното образование е клучот за поврзување на младите со компаниите и за создавање кадар подготвен за реалната економија